Утре, НА 3-ти Јуни ВО 20ч , во просториите на Киното “Мис Стон” во Прилеп, ќе се одржи проекција на новиот филм во продукција на Пиреј Филм “Железна тврдина”, во режија на Митко Панов.
Aктерската екипа е составена од штитениците на Центарот за Рехабилитација на Психијатриската Болница во Демир-Хисар и гостите меѓу кои и Синоличка Трпкова, Игор Џамбазов, Васко Тодоров, Благоја Грујовски, Мишел Трајковски и Атиџе Муратова. Филмот е снимен во соработка со Н.О. НЕБО, од Суводол, предводена од Јасмина Котевска и Стефан Шашков. Темата е “Филмот како терапија”, во контекст на веќе популарното користење на цртежот, сликата, музиката и раскажувањето како терапевтски и дијагностички алатки во работа со лица со психички нарушувања.
„Железна тврдина“ го користи формалниот пристап својствен на документарниот, но и играниот филм, и како таков го претставува новиот, хибриден, филмски израз. Базиран на вистински случки филмот вплотува елементи на фикција и фантазија. “Она што започнува како набљудувачки запис од секојдневниот живот и креативните вежби полека се трансформира во конструиран филмски свет обликуван од самите учесници. Просторот на болницата станува истовремено реална средина и сцена за фиктивни ситуации, каде што личните приказни, фантазиите и креираните идентитети почнуваат да се преклопуваат. „Железнта тврдина“ се појавува како слоевит, духовит хибрид во кој реалноста и фикцијата, разумот и лудилото, свесното и несвесното се испреплетуваат, потсетувајќи нè дека ‘видено oдблиску, ништо не е нормално, и никој не е ненормален’.”
Проекцијата ќе се одржи во присуство на авторите. Влезот е слободен.







