Мицкоски: Нашата позиција е јасна – Македонија не бара олеснувања, туку еднаков третман

Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски на денешната средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, порача дека Македонија останува цврсто посветена на европската интеграција, но очекува процес заснован на принципи, доверба и предвидливост.

На заедничката прес-конференција, Мицкоски истакна дека земјава не бара привилегии ниту посебен третман, туку еднакви правила и вистинско вреднување на реформите, трудот и исполнетите обврски.

-Нашата позиција е јасна. Остануваме цврсто определени кон европскиот пат. Не бараме привилегии, не бараме олеснети правила и не бараме нешто што не им припаѓа и на другите. Бараме принципи, кредибилен и предвидлив процес во кој реформите, трудот, заслугите и исполнетите обврски ќе бидат вистински вреднувани, нагласи Мицкоски.

Тој посочи дека Владата и понатаму ќе продолжи со спроведување на реформската агенда, зајакнување на институциите, стабилизирање на економијата, привлекување инвестиции и подобрување на јавните услуги.


Мицкоски истакна дека во разговорите со Кошта било отворено и прашањето за довербата на граѓаните во европскиот процес, особено по долгогодишните компромиси, чекања и промени во политичкиот контекст.

-После години чекање, компромиси и исполнети барања, природно е граѓаните да чувствуваат неизвесност. Потребни се лидерство, јасност и доверба. Европа била најсилна кога покажувала визија, политичка храброст и доследност кон сопствените вредности, рече Мицкоски.

На средбата станало збор и за економската интеграција, инфраструктурното поврзување, енергетската сигурност, инвестициите, конкурентноста и создавањето нови можности за младите генерации.

Мицкоски и Кошта разговарале и за европската иднина на Македонија, состојбите во регионот, владеењето на правото, реформите и институционалната трансформација на државата.