Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, од Скопје порача дека проширувањето на Европската Унија е заедничка цел, нагласувајќи дека иднината на Македонија цврсто припаѓа во европското семејство.
На заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во владата, Кошта ги пофали напорите на македонските институции во спроведувањето на реформите и напредокот постигнат во последниот период.
-Вашата Влада покажа посветеност и сакам да ги пофалам континуираните напори што ги вложувате. Особено го поздравувам напредокот во спроведувањето на реформската агенда, усвојувањето на патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација, кои се значајни за пристапниот процес и за искористување на Планот за раст, истакна Кошта.
Тој го поздрави и целосното усогласување на земјата со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, оценувајќи дека тоа претставува силен сигнал за стратешката ориентација на државата и за вредностите што ги споделува со ЕУ.
Кошта нагласи дека усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходен чекор за формално отворање на пристапните преговори.
-Уставните измени остануваат единствениот начин за почеток на пристапните преговори и за отклучување на целосните придобивки од членството во Европската Унија за граѓаните на Македонија. Напредокот кон европската интеграција може да се постигне преку конструктивен дијалог со соседите, градење доверба и спроведување на неопходните реформи/, порача претседателот на Европскиот совет.
Посетата на Кошта на Скопје е дел од неговата регионална турнеја низ Западен Балкан, во пресрет на Самитот ЕУ – Западен Балкан што на 5 јуни ќе се одржи во Тиват, Црна Гора.







