Тројца турски патници од бродот со случаи на хантавирус ќе бидат ставени во карантин

Тројца турски државјани, кои биле на бродот на кој се регистрирани случаи на хантавирус, денеска ќе бидат вратени во Турција и ставени во карантин – соопшти турското Министерство за здравство преку објава на социјалната мрежа „Икс“.

„Во земјата ќе бидат вратени тројца наши сограѓани што престојуваа на меѓународен крузер и чија здравствена состојба внимателно се следи. Во текот на мониторингот, што се спроведува во координација со релевантните меѓународни организации, добивме информации дека кај нашите граѓани не се утврдени симптоми или показатели за присуство на болеста“, се наведува во соопштението на Министерството.


Властите уверуваат дека по пристигнувањето во Турција, тројцата патници ќе бидат ставени во карантин, а нивната состојба внимателно ќе ја следи Министерството за здравство.

Вчера, бродот „Хондиус“ (Hondius), на кој беше регистриран кластер на хантавирус, вплови во пристаништето Гранадиља во јужниот дел на шпанскиот остров Тенерифе, дел од Канарските Острови. Тројца патници на бродот починаа од вирусната инфекција.

Шпанските власти соопштија дека последните два евакуациски лета со вкупно 24 патници се очекуваат во текот на денешниот ден.  (МИА)