Две третини од Романците, односно 68,8 проценти, имаат позитивно мислење за работата на претседателката на Република Молдавија, Маја Санду, покажува истражување на социолошката агенција ИНСКОП, објавено на интернет.
– Маја Санду има позитивен јавен имиџ во Романија, изграден главно врз основа на нејзината поврзаност со проевропската насока и блискоста со Букурешт. Во очите на цврсто мнозинство Романци, таа е синоним за идејата за оддалечување од руското влијание и конечно вкоренување во европскиот и западниот простор – изјави директорот на ИНСКОП, Ремус Штефурјак.
Тој додаде дека разликите меѓу политичките електорати и општествените категории покажуваат дека перцепцијата за Маја Санду делумно е и показател за внатрешната поларизација во Романија и тест за односот на различни сегменти од романското општество кон Западот, Русија и стратешката насока на регионот.
Нешто повеќе од 70 проценти од испитаниците, односно 71,3 проценти, го поддржуваат тврдењето дека Маја Санду е поблиска до Романија отколку до Русија, додека 14,3 проценти се на спротивно мислење, а исто толкав процент не знаат или не одговориле.
Перцепцијата за блискост со Романија е поизразена кај симпатизерите на Национално-либерална партија и Сојуз за спас на Романија, кај лицата постари од 60 години, високообразованите и жителите на помалите урбани средини.
Поддржувачите на Алијанса за обединување на Романците, лицата на возраст меѓу 30 и 44 години и оние со основно образование почесто веруваат дека Маја Санду е поблиска до Русија отколку до Романија.
Повеќе од половина од Романците, односно 57,7 проценти, сметаат дека Маја Санду во голема или релативно голема мера придонесува за зближување меѓу Романија и Република Молдавија.
Истражувањето е спроведено меѓу 14 и 21 април врз 1.100 испитаници постари од 18 години преку телефонски интервјуа. Максималната статистичка грешка е три проценти при ниво на доверливост од 95 проценти.
Истражувањето беше објавено само неколку дена откако друго истражување на ИНСКОП покажа дека речиси 72 проценти од Романците би поддржале обединување со Република Молдавија.
На крајот на април романскиот претседател Никушор Дан изјави дека земјата „е подготвена“ доколку граѓаните на Република Молдавија поддржат проект за обединување.
Неодамна Маја Санду повторно ја отвори темата во јавноста и во интервју за францускиот весник Ле Монд изјави дека тоа би му овозможило на Кишињев побрзо приклучување кон Европската унија.
Во јануари, во интервју за британските новинари Рори Стјуарт и Алистер Кембел, водители на најголемиот подкаст во Велика Британија, таа изјави дека би гласала за обединување со Романија доколку се организира референдум за тоа прашање.







