Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски смета дека барањето на опозицијата за негова интерпелација е беспредметно. Во однос на владината реконструкција, пак, што ја најави премиерот, Трипуновски е дециден дека претседателот на Владата ја носи конечната одлука која секогаш се почитува, а така ќе биде, како што напомена, и во наредниот период.
-Поднесената интерпелација е беспредметна. Со нетрпение го чекам денот кога ќе се одржи собраниската седница на која ќе ги соочиме аргументите. Аргументите се на наша страна. Мислам дека имаме многу направено во овие две години во однос на реформите во земјоделството, што впрочем ќе слушне и јавноста кога ќе биде расправата, рече Трипуновски, одговорајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата.
Министерот не одговори конкретно дали очекува по реконструкцијата на владиниот кабинет и натаму да го води ресорот земјоделство.
-Премиерот има полно право да го состави идниот владин кабинет. Неговата одлука е конечна и секогаш се почитувала, така ќе биде и во наредниот период. Финалната одлука ја носи премиерот, тој го составува владиниот кабинет. Каква и да биде неговата одлука, ќе се почитува, повтори Трипуновски.







