Ташовски: Учеството во финалето да го завршиме со титула

Македонскиот репрезентативец во редовите на ТФТ Виктор Ташовски игра во одлична форма, а покрај добрите настапи за својот клуб во АБА 2 лигата со тројката во последната секунда донесе победа за својата екипа и во саботното дерби од домашното првенство со МЗТ Скопје Аеродром. Но, време за одмор за играчите на ТФТ нема бидејќи утре ги очекува првиот дуел од финалето од АБА 2 лигата со екипата на Широки на гостински терен. Тимот на Широки регуларниот дел заврши како првопласирана.

– Не очекува тешко гостување како дел од финалната серија. Широки е одлична екипа и игра добра кошарка. Ќе дадеме се од себе учеството во финалето да го завршиме со титула и со пласман во АБА лигата. Очекувам интересно и возбудливо финале и нека победи подобриот, изјави Ташовски.

Тренерот Боро Смилковски успешно ги води своите играчи на двата фронта.


– Потребна ни е голема концентрација и внимание и на најситните детали, особено во дефанзивна транзиција и да не му дозволиме лесни поени на противникот. Добрите игри и резултати ја креваат самодовербата во ова финале. Ќе го дадеме нашиот максимум во обид да дојдеме до позитивен резултат, истакна Смилковски.

Натпреварот Широки – ТФТ се игра во среда со почеток во 20:30 часот. Во натпреварот од регуларниот дел од сезоната Широки на домашен терен победи со 85:72.