Со праизведба на „Мачкина глава“ Драмски ја одбележува 80-годишнината на театарот

„Пред точно 80 години, на 21 април 1946 година, по формирањето на Куклената сцена, во тогашниот Македонски народен театар изведена е премиерата на куклената претстава „Силјан Штркот“ работена по мотивите на Марко Цепенков, а во адаптација и режија на Петре Прличко“ – рече директорот Роберт Вељановски на денешната прес-конференција по повод 80-годишнината на Драмскиот театар.

Фактографските податоци за денешната НУ Драмски театар Скопје говорат дека корените на своето формирање институцијата ги влече токму од оваа премиерна изведба и овој датум го чествува како датум на своето формирање. До 1949 година театарот опстојува како Куклена сцена при МНТ, а во 1949 година прераснува во самостојна установа со називот Градски куклен театар со простории во тогашната Женска гимназија. Една од клучните години за формирањето на Драмскиот театар е 1958 година. Тогаш се направени сериозни концептуални исчекори и наместо кукли, на сцената се појавуваат живи актери. Овој нов концепт го отворил патот за создавање на алтернатива во театарското творештво во Скопје, дотогаш базирано само на работата на Македонскиот народен театар, но и пошироко, во Македонија. Истата година променет е називот на установата од Градски куклен театар во Младинско-детски театар.

„На 4 март 1965 година Театарот се вселува во новата театарска зграда во населбата Карпош II. Тоа е последната и круцијална фаза од формирањето на установата која денес го носи називот НУ Драмски театар Скопје. Со додавката ДРАМСКИ, пред името на постоечката установа, се наговестува суштинска промена во ориентацијата на театарот, кој пред себе има поставено цел да стане нов, актуелен и современ театар, пандан на театрите во другите главни градови на Републиките од тогашната федерација. Во 1967 година установата го менува називот во Драмски театар. Успесите на Драмскиот театар на ниво на југословенската федерација, го устоличуваат овој театар како најрелевантна театарска установа во Републиката“ ̶ појаснува Вељановски.

НУ Драмски театар Скопје во осумте децении театарско творење е добитник на сите релевантни награди, признанија и одликувања во областа на културата и театарската уметност, како во бившата СФРЈ, така и во Република Македонија. НУ Драмски театар е одликувана од двајца претседатели: во 1976 година претседателот на СФРЈ, Н.Е. Јосип Броз го одликува Драмски театар со Орден заслуги за народ со златна ѕвезда, а во 2016 година претседателот на Република Македонија, Н.Е. проф. д-р Ѓорѓе Иванов ја одликува НУ Драмски театар со Орден за заслуги за Македонија.

Денешниот голем јубилеј Драмски ќе го одбележи со праизведбата на „Мачкина глава“ од авторот Венко Андоновски во режија на Дејан Пројковски. Вечерашнава премиера во аналите на театарот ќе биде забележана како 461. премиерна изведба на Драмски.

Проф. д-р Венко Андоновски, македонскиот романсиер, драмски писател, филмски сценарист, книжевен критичар, теоретичар на литературата и културата на денешната прес-конференција изрази големо задоволство што ја добил довербата и честа неговиот текст во режија на Дејан Пројковски да биде одбран токму за прославата на 80-годишнината на Драмскиот театар Скопје. Тој оддаде признание не само на актерскиот и уметничкиот тим што ја работел последната претстава туку тој потсети и на илјадниците други автори, режисери, сценаристи, костимографи, творци на музиката, скулптурите, идејните решенија, шивачите, шминкерите и сите останати чинители, замислувајќи ги како „еден мал град“ што неуморно твори во процесот на подготовките на претставите во изминатите 80 години.


За текстот на „Мачкина глава“ Андоновски ја добил наградата на ЕУРОДРАМ ̶ за најдобри драми во Европа во 2022 година. Авторот денес ја сподели помислата дека: „Се прашував дали е возможно денес да се напише ‘Диво месо’ од Горан Стефановски. Ги задржав контурите на ‘Диво месо’ и во ‘Мачкина глава’ се обидов да го искажам крикот на денешниот свет. Свет на војни и цивилизациски неразумности на релација Исток ̶ Запад во кој ние како општество, цивилизација и култура сме на граничникот“.

Режисерот Пројковски кажа дека текстот е интересен и податлив за работа: „Тој нуди одлична матрица за градење на ликовите во претставата“. Режисерот очекува одлична претстава која ќе биде резултат на нивните средби, размена на енергии и светогледи. „Форматот на текстот има широчина во светската и домашната политика и промовира вредности.“ Претставата е работена како постмодерна базирана на два пола, традицијата и катарзата во која се преклопуваат личната среќа и љубовта, страсти, желби и соништа на „малиот човек“ ̶ појасни режисерот Пројковски.

Во уметничкиот дел од тимот што ја подготвува праизведбата на претставата „Мачкина глава“, режисерот соработуваше со сценографот Валентин Светозарев, костимографката Марија Пупучевска, асистентка на костимографката е Марија Ѓоргиевска, а музиката во претставата ја компонираше Горан Трајкоски. Скулптор е Ангел Петровски, а фотограф Драган Гајиќ. Инспициент во претставата е Жарко Намичев, а суфлерка е Милка Анчевска.

Ликовите во претставата „Мачкина глава“ и актерска екипа се: Спиридон – Рубенс Муратовски, Марија – Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ѕвездан – Филип Трајковиќ, Симон – Александар Степанулески, Сара – Сара Климоска, Џорџ – Игор Ангелов, Мериен – Сања Арсовска, Штерјо – Златко Митрески и Панзо – Предраг Павловски.

Премиерата на претставата „Мачкина глава“ е втора претстава од Годишната програма за работа на театарот, поддржана од Министерството за култура и туризам за 2026 година.

По денешнава праизведба, претставата „Мачкина глава“ ќе биде на редовниот репертоар на Драмски театар Скопје веќе на 25 и 30 април.