Албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Ферит Хоџа во Брисел оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на која разговараа за моменталната геополитичка ситуација и улогата на Алијансата.
Во објава на Фејсбук, Хоџа наведе дека средбата се случува во време кога Албанија презема повеќе обврски и одговорности во рамките на НАТО, која, како што оцениле „е позначајна од кога било во денешното сè посложено и непредвидливо безбедносно опкружување“.
– Споделивме став дека во денешното сè посложено и непредвидливо безбедносно опкружување, НАТО е поважен и понеопходен од кога било. Зајакнувањето на колективната одбрана, зголемувањето на трошоците за одбрана, непоколебливата поддршка за Украина, како и проширувањето на капацитетите на одбранбената индустрија, остануваат приоритети за превенција, стабилност и трансатлантска безбедност, истакна Хоџа.
Според него, Албанија постојано се докажува како сигурен и активен сојузник, преку зголемување на вложувањата во одбраната, модернизација на вооружените сили и учество во мисиите на НАТО.
Тој, исто така, ја нагласил важноста од континуирана поддршка за Украина преку механизмите на НАТО, вклучувајќи обука, помош и долгорочно градење капацитети.
Во врска со Западен Балкан, Хоџа и Руте потврдиле дека посветеноста на НАТО останува суштинска за стабилноста и безбедноста во регионот. Хоџа, исто така, го истакна значењето на присуството на КФОР во Косово, опишувајќи го како неопходна стабилизирачка улога.
Разговарано било и за подготовката на Албанија за претстојниот самит на НАТО во Тирана, во 2027 година, првиот самит на Алијансата што ќе се одржи во Западен Балкан, што според Хоџа оваа „обврска претставува историска одговорност и ја потврдува стратешката важност на нашиот регион“. (МИА)







