Син на лидер на Хамас почина по израелски напад во Газа

Синот на лидерот на Хамас, Калил ал Хаја, почина денеска од повредите здобиени во израелски напад во Појасот Газа, а Израел потврди дека во напад во либанската престолнина Бејрут ликвидирал висок командант на Хезболах, јави Анадолија.

Според дописникот на агенцијата, Азам ал Хаја починал откако се здобил со тешки повреди во синоќешниот напад извршен врз населбата Дараџ, источно од градот Газа. Калил ал Хаја претходно соопшти дека неговиот син е тешко ранет, обвинувајќи го Израел дека се обидува да ги постигне своите цели преку „притисок, убивање и терор“.


Видеоснимки од градот Газа покажуваат ожалостени луѓе како го носат телото на Азам од болницата „Ал Шифа“ пред погребната церемонија. Според палестински извори, Азам е четвртиот син на Ал Хаја кој е убиен од почетокот на конфликтот со Израел.

Истовремено, израелската армија денеска потврди дека го ликвидирала Ахмед Балута, кого го опиша како командант на елитните сили „Радван“ на Хезболах, во напад извршен во јужните предградија на Бејрут во средата. Хезболах засега не ги коментираше израелските тврдења.