Научник за само еден месец изел 720 јајца

Ник Норвиц, докторанд на Харвард и поддржувач на кетогената исхрана, одлучил да види што би се случило со неговиот организам откако ќе внесе преголема количина храна. За таа цел, за само еден месец изел дури 720 јајца, што во просек изнесува 24 јајца дневно. По добиените резултати од крвта се увидело дека таканаречениот „лош“ холестерол значително се намалил, што дополнително ги збунило докторите.

Значаен дел од експериментот било јајцата да бидат подготвени на сите можни начини, што воедно било дел од неговата вообичаена кетогена исхрана, која се базира на висок внес на масти и протеини. Освен внесот на јајца, Норвиц секојдневно консумирал и месо, риба, маслиново масло, јаткасти плодови, темно чоколадо, сирење и јогурт. Но, покрај специфичниот режим на исхрана, била и секојдневната физичка активност. По еден месец направил детални анализи на крвта со цел да ги провери нивото на холестерол и показателите поврзани со здравјето на срцето. По добиените резултати увидено е дека нивото на ЛДЛ холестеролот (лош) холестерол, му се намалило за 18 проценти.

– Претпоставував дека мојот холестерол нема да се зголеми, но не очекував дека ќе се намали. Иако внесот на холестерол го зголемив петпати, мојот ЛДЛ всушност се намали, изјави Норвиц.

Во вториот дел од експериментот, Норвиц дополнително испитал како би влијаеле различните нутриенти врз организмот. За таа цел, во последните две недели од режимот секојдневно внесувал и по 60 грама јаглехидрати дневно, претежно преку овошје како банани, боровинки и цреши. По направените анализи, нивото на ЛДЛ холестеролот се намалило за уште 20 проценти.


– Кај луѓето кои внесуваат многу малку јаглехидрати холестеролот понекогаш се зголемува бидејќи телото преминува на согорување масти како главен извор на енергија. Кога јаглехидратите повторно се внесуваат во исхраната, метаболизмот се приспособува, а нивото на таканаречениот „лош“ холестерол може да се намали, објасни Норвиц.

Норвиц советува дека неговиот експеримент не треба да се сфати како доказ дека јајцата се совршена храна или дека кетогената исхрана е најдобар избор за сите луѓе. Според него, целта на овој експеримент била да покаже колку е сложен човечкиот метаболизам, и дека исхраната и генетиката играат значајна улога во нивото на холестеролот.

– Не постои една најдобра исхрана за сите. Некои луѓе сакаат да го подобрат здравјето на срцето, други сакаат долговечност, трети сакаат повеќе енергија. Исхраната мора да биде приспособена на личноста, а не обратно, додаде тој.

По неговиот експеримент повторно се отвори дебатата дали јајцата навистина претставуваат ризик за здравјето. Лекарите повикуваат на поголема внимателност, особено кај лица со покачен холестерол, срцеви заболувања или други фактори на ризик, за кои наглите и драстични промени во исхраната би можеле да претставуваат сериозна опасност. Но и покрај лекарските предупредувања, Норвиц најавува дека ова е само почеток на неговите истражувања. Тој планира да продолжи со експерименти поврзани со метаболизмот и исхраната, со цел да ги преиспита митовите што со години се повторуваат без доволно научни докази.