Јанев со порака до полицајците: Не брзајте по функциите, стремете се кон знаење, градете кредибилитет

Вие сте тивката сила на оваа држава, секој полициски службеник е лицето на институцијата, им порача директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев на полициските службеници.

Во своето обраќање во рамки на одбележувањето на Денот на македонската полиција – 7 Мај, Јанец истакна дека секое постапување на терен на припадниците на полицијата, секоја комуникација со граѓаните и донесена одлука е начинот на кој државата се гледа, чувствува.

На полициските службеници им порача дека кариерата се гради чекор по чекор, скала по скала, во личност, професионалец.

-Напластеното знаење, искуство и вредностите се она што му даваат тежина на поединецот. Тоа создава вистински професионалци и вистински раководители. Не брзајте по функциите, стремете се кон знаење, стекнувајте искуство, градете кредибилитет. Функцијата доаѓа и си оди, но угледот е тој што останува. Работете така што секогаш ќе може да погледнете наназад со чист образ и мирна совест, им порача Јанев на полицајците.


Директорот на БЈБ им се обрати и на раководителите, нагласувајќи им дека треба да се примерот по кој вработените ја препознаваат институцијата.

-Вие треба да сте мотивот што ги движи луѓето, вие сте една од основите врз која граѓаните ја градат својата доверба. Запомнете, позициите не се вечни, денес сме таму за да служиме. Не сме овде за да уживаме во привилегии, туку за да носиме одговорност. Лидерството не е титула, лидерството е обврска, дециден беше Јанев.

Ова не е првпат во своите обраќања Јанев да се осврне на одговорноста кон професијата, позицијата, но и да упати порака до полициските службеници и раководни лица потсетувајќи ги дека функциите се минливи.