Прва координативна седница на Главниот штаб за управување со кризи за справување со пожарите

Во услови на прогласена кризна состојба поради зголемениот ризик од пожари на отворен простор и шумски пожари, денеска во Центарот за управување со кризи се одржа првата координативна седница на Главниот штаб за управување со кризи, на која беше усвоен акциски план за превенција и справување со пожарите и беше оценета подготвеноста на надлежните институции за координирано дејствување, соопштуваат од ЦУК.

– На седницата присуствуваше директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамет Али, заменик-директорот Трајче Јовановски, раководителот на Главниот штаб, Стојанче Ангелов и преставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, Црвениот крст на Република Северна Македонија, Министерството за здравство, Итната медицинска помош, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за разузнавање, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и други надлежни институции – наведуваат оттаму.


Дополнуваат дека на седницата била разгледана актуелната состојба со пожарите и подготвеноста на институциите за координирано постапување во услови на кризна состојба.

– Главниот штаб го усвои Акцискиот план за превенција и справување со пожарите, со кој се предвидува координирано ангажирање на човечките и материјално-техничките ресурси, подобрување на меѓуинституционалната координација и обезбедување постојана комуникација за навремена реакција при пожари – дополнуваат од ЦУК.