Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, денеска изјави дека ѝ наредил на војската да ги занемари условите од прекинот на огнот кој е во сила од октомври, и да „преземе контрола“ над 70 отсто од Појасот Газа, пренесе израелската телевизија.
Прекинот на огнот, постигнат со посредство на САД во октомври 2025 година, ја воспостави демаркациската „Жолта линија“ која остави 53 проценти од Газа под израелска воена контрола.
– Во моментов го држиме Хамас за гуша. Контролиравме 50 отсто од територијата на Појасот Газа, а откако примирјето стапи во сила преминавме на 60 отсто и мојата директива е да одиме на 70 отсто – рече Нетанјаху.
Прекинот на огнот стапи во сила две години по почетокот на војната на 7 октомври 2023 година, кога палестинското движење Хамас, кое има поддршка од Иран, изврши терористички напади во Израел.
И покрај номиналниот договор за примирје, тоа секојдневно се прекршува.
Од израелските напади од октомври досега загинаа повеќе од 900 Палестинци. Околу 90 проценти од над двата милиони жители на Газа се внатрешно раселени, главно во големи, лошо опремени шаторски населби каде што се излева канализација и каде снабдувањето со храна е несигурно.
Обединетите нации предвидуваат дека обновата на физичката инфраструктура во Газа, уништена од војната, ќе чини повеќе од 35 милијарди долари. (МИА)





