Додека тенискиот свет денес му аплаудира на новиот шампион на Ролан Гарос, многумина сметаат дека најубавата приказна од Париз не заврши со трофеј во рацете.
Нејзиното име е Маја Хвалинска.
Полјачката која пред само неколку недели беше речиси непозната за пошироката спортска јавност, успеа да стигне до финалето на најголемиот турнир на земјена подлога и да стане симбол на упорноста, борбата и надежта.
Но, патот до ова финале бил сè освен лесен.
Пред неколку години Хвалинска минувала низ најтешкиот период во својот живот. Наместо да размислува за титули и победи, таа водела сосема поинаква битка – битка со депресијата. Во едно од своите признанија открила дека имало денови кога немала сила ниту да стане од кревет.
Тенисот, кој претходно бил нејзина најголема љубов, станал извор на притисок, стрес и болка. Постојано плачела, се чувствувала исцрпено и почнала да се прашува дали воопшто има смисла да продолжи. Во еден момент дури и сериозно размислувала засекогаш да се откаже од професионалниот спорт. Но, не се предала.
Со помош на семејството, пријателите и стручна поддршка, полека почнала да се враќа во нормален живот. Научила повторно да ужива во тенисот и да не биде толку строга кон себе.
Нејзиното враќање не било спектакуларно. Немало големи наслови, ниту милионски договори.
На Ролан Гарос оваа година пристигнала како 113-та тенисерка во светот и без сериозни спонзорски договори. Според странските медиуми, дури се грижела како ќе ги покрие трошоците за престојот во Париз.
За да стигне до главниот турнир морала да игра квалификации. Освоила три натпревари таму, а потоа уште шест во главниот жреб. Од анонимна тенисерка за само две недели се претвори во една од најголемите спортски приказни на годината. Иако во финалето загуби од руското чудо од дете Мира Андреева, Хвалинска си заминува од Париз како победник во очите на многумина.
Не само поради освоените 1,4 милиони евра и историскиот резултат, туку затоа што покажа дека и по најтешките животни падови постои пат назад.
Пред неколку години не можела да стане од кревет. Денес целиот тениски свет стана на нозе за да ѝ аплаудира.







