Секој што го следи спортот сака добра приказна за аутсајдер кој ги поместува границите на можното. Токму таква беше приказната на Маја Хвалинска на овогодинешниот Ролан Гарос.
Полјачката, која пред почетокот на турнирот беше рангирана на 113. место на ВТА-листата, мораше да мине низ квалификациите за да стигне до главниот турнир. Освои три натпревари во квалификациите, а потоа уште шест во главниот жреб за да стигне до големото финале во Париз.
Но, на последната пречка ја чекаше Мира Андреева.
Необичната Хвалинска, леворака тенисерка висока само 167 сантиметри, нервозно го отвори финалето. Направи двојна сервис-грешка и неколку лесни пропусти, но брзо се созеде и се обиде да ја изненади противничката со разновидна игра.
Таа комбинираше долги и кратки удари со многу топ-спин, дроп-шотови и пресечени топки, обидувајќи се постојано да ја извлекува Андреева кон мрежата. Сепак, младата Русинка не се впушти во таа игра и уште рано направи брејк.
Полјачката веднаш возврати, навестувајќи дека гледачите на „Филип Шатрие“ ќе добијат неизвесно финале исполнето со квалитетен тенис.
Приказната на Хвалинска привлече големо внимание во Париз. Таа пристигна на турнирот без спонзори, сама купувајќи си опрема и размислувајќи како ќе ги покрие трошоците за хотелот. Но, со своите настапи успеа да го сврти вниманието на брендовите и спонзорите.
Сепак, од другата страна на мрежата стоеше една од најголемите надежи на светскиот тенис.
Мира Андреева, која веќе на 15 години се појави на Грен слем турнирите, постепено ја презеде контролата врз мечот. Русинката ја неутрализираше разновидната игра на Хвалинска и почна да доминира со својата сила и сигурност од основната линија.
По израмнетиот почеток, Андреева го освои првиот сет со 6-3.
Во вториот сет Хвалинска се обиде да игра поагресивно, приближувајќи се до основната линија и преземајќи поголем ризик. Но токму тоа беше стилот на игра кој повеќе ѝ одговараше на Андреева.
Руската тенисерка, која веќе имаше освоено два Мастерс турнири и играно осум финалиња, постепено го зголемуваше притисокот. Со трпеливост го чекаше вистинскиот момент за да нападне и почна да реди винери од форхенд и бекхенд.
По полуфиналето Андреева изјави дека е толку фокусирана што може да ги види влакненцата на тениското топче додека лета кон неа. Во финалето изгледаше токму така – максимално концентрирана и сигурна во својата игра.
Кога семафорот покажа 5-0 во вториот сет, финалето веќе изгледаше решено.
Публиката се обиде да ја охрабри Хвалинска, која пред неколку години се бореше со депресија и дури размислуваше да се откаже од тенисот. Полјачката успеа да освои уште еден гем, но немаше сили за голем пресврт.
Андреева накратко покажа знаци на нервоза додека се обидуваше да го заврши мечот, но Хвалинска не успеа да го искористи тоа.
На првата од трите меч-топки, Русинката ја заврши работата.
По последниот поен падна на колена на париската земјена подлога и го прослави најголемиот успех во својата кариера.
Ова издание на Ролан Гарос ќе остане запаметено како турнирот на првата голема титула на Мира Андреева – тенисерката за која многумина предвидуваат дека ќе биде идна доминантна сила во женскиот тенис.
Веднаш по победата таа истрча кон трибините за да ја прегрне својата тренерка Кончита Мартинез, а потоа побара да го прослави успехот и со своето куче.
Иако Маја Хвалинска не успеа да ја заврши својата бајка со трофеј, таа ќе си замине од Париз со награда од 1,4 милиони евра и со статус на една од најубавите приказни на турнирот.
Но вечерта ѝ припадна на Мира Андреева.
„Сакам да ѝ се заблагодарам и на самата себе“, рече младата шампионка во победничкиот говор. „Затоа што верував во себе, затоа што секој ден се трудам да бидам подобра личност и подобра тенисерка и затоа што постојано се борам со своите демони.“






