Муцунски: Водиме кредибилна надворешна политика што ги штити националните интереси и достоинството на државата

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во рамки на седницата за пратенички прашања во Собранието, истакна дека Владата води кредибилна и одговорна надворешна политика, заснована на заштита на националните интереси, достоинството на државата и стратешките приоритети.

Одговарајќи на пратеничко прашање поврзано со евроинтегративниот процес и надворешната политика, министерот Муцунски потенцираше дека Владата води аргументиран и принципиелен пристап во комуникацијата со меѓународните партнери, притоа нагласувајќи дека „нема повеќе отстапки и попустливост што не вродуваат со резултати“.

Во таа насока, тој посочи дека барањето за дополнителни гаранции во однос на европскиот пат на државата е разумна и оправдана позиција, потсетувајќи на јавните ставови на повеќе европски лидери и претставници, меѓу кои и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и белгискиот министер за надворешни работи, кои ја нагласиле потребата од дополнителни уверувања и предвидливост во процесот.

„Не е точно дека од државата се бараат само уставни измени“, истакна Муцунски, оценувајќи дека суштинскиот проблем произлегува од „непромислените решенија од 2022 година“.

Министерот нагласи дека, и покрај предизвиците, Владата во изминатиот период остварила значајни резултати на меѓународен план, посочувајќи дека државата стана прва во регионот што потпишала Партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија.


Воедно, тој потсети и на потпишаните договори за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, Унгарија и Хрватска, оценувајќи дека тие придонесуваат за зајакнување на меѓународната позиција на државата, но и за економскиот и инвестицискиот развој.

Муцунски истакна и дека државата била „прва во Европа што одржала стратешки дијалог со Соединетите Американски Држави во Вашингтон“, што, според него, претставува потврда за кредибилитетот и активната меѓународна позиција на државата.

Осврнувајќи се на реформскиот процес и европската агенда, министерот посочи дека државата е прва во регионот според исплатата на средства од Планот за раст на Европската Унија, што, како што нагласи, претставува јасен показател за сериозниот пристап кон реформите и европската интеграција.

„Водиме кредибилна надворешна политика, но истовремено и надворешна политика што стои во заштита на нашето национално достоинство и национален интерес“, порача министерот Муцунски.