Селекторот Гоце Седлоски за овој дуел ќе смета на значително изменет состав за натпреварот со Босна и Херцеговина.
На денешната прес-конференција Седлоски ги сподели очекувањата пред дуелот со Босанците.
„Сакаме да се докажеме тимски и резултатски. Најважно е да излеземе и да одиграме најдобро што можеме. Ќе дадеме максимум, нека победи подобриот. Ние си ја гледаме својата работа како да ги одиграме овие 90 минути, но и Босанците имаат амбиции да се покажат во вистинско светло пред своите навивачи. На Босна ѝ посакувам да одигра добро на Светското првенство. Секоја чест, ја исфрливте Италија исто како и ние во претходниот бараж, ама ова сега е нешто ново и мора да се докажуваме.
За нас нема пријателски, ќе излеземе на теренот да се претставиме во вистинско светло и да победиме ако може. Сакам да се подготвам за Лигата на нациите на најдобар можен начин. Се надевам дека нападот ќе проработи кај нас. Кога сум работел и на клупски план, никогаш не сум сакал да губам. Играме со силни репрезентации, Босна и Херцеговина и Турција. Ќе настојуваме да дадеме гол, но зависи дали ќе ни дозволи противникот. Мора да бидеме компактни, играчите се подготвени и задоволен сум од сработеното. Новите кои дојдоа се покажаа како вистинско освежување, а останатите добро ги примија во тимот. Повикав повеќе нови играчи, на сите ќе им дадам шанса, а на нив е да се докажат. Дури и на утрешниот натпревар, дел од новајлиите ќе го почнат натпреварот.
Како сите играчи, така и Елези играше добро во Сараево. Се најде на списокот, имаме два натпревари и ќе добие шанса. Не е само тој новина во однос на март, повикав многу играчи од Македонија и од други лиги. Се надевам дека се доволно квалитетни да играат во националниот тим. Имам неколку варијанти за замена на повредениот Барди, меѓутоа ќе одредам по денешниот тренинг“, изјави Седлоски.





