Младиот музички талент Андреј Цековски, ученик во V одделение во нижото музичко училиште ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, под менторство на наставничката по пијано Марија Диманин Богоевска, освои Прва награда на престижниот меѓународен натпревар International Youth Music Competitions, во категоријата „USA Classical Hobbyist“, одржан во март 2026 година.
-Со својот впечатлив настап, Андреј се издвои меѓу учесници од повеќе земји од светот, покажувајќи исклучителна музикалност, техника и уметничка зрелост. Овој успех претставува значајно меѓународно признание за неговата посветеност и љубов кон класичната музика, истакнаа од жири комисијата.
Како дополнително признание за постигнатиот успех, Андреј Цековски е официјално поканет во септември годинава во Њујорк, каде ќе ја прими наградата и ќе одржи свој музички настап во рамки на свечениот концерт на победниците.
На натпреварот учествуваа таленти од Австралија, Канада, Кина, Полска, Украина, Турција, Соединетите Американски Држави и многу други земји, а освоената Прва награда уште еднаш го потврдува талентот и потенцијалот на Андреј Цековски на меѓународната музичка сцена.







