ФИФА му забрани регистрација на фудбалери на Тиквеш

Македонскиот прволигаш ГФК Тиквеш Кавадарци доби забрана од Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) за регистрација на нови фудбалери на меѓународно и национално ниво поради неисполнување на финансиските обврски кон фудбалерот Филип Михаљевиќ.

Според официјалното известување од ФИФА, забраната ќе остане во сила сè до целосно намирување на обврските, а најдолго до три последователни регистрациски периоди.

Воедно, ФИФА побара од Фудбалската федерација на Македонија веднаш да ја имплементира одлуката и на национално ниво.

Фудбалската федерација на Македонија, како што е соопштено денеска, ќе постапи согласно правилата и одлуките на ФИФА. (МИА)