Речиси еден месец пред почетокот на Светското првенство, најдобриот стрелец во историјата на уругвајската фудбалска репрезентација, 39-годишниот Луис Суарез изјави дека е отворен за евентуално враќање во националниот дрес, иако во септември 2024 година објави крај на својата репрезентативна кариера по конфликтот со селекторот Марсело Биелса.
Пред повеќе од година и пол, Суарез го обвини Биелса дека создава раздор во репрезентацијата и оти се однесува студено кон играчите.
„Во тоа време, кажав некои работи што не требаше. Мора да бидете способни да ги признаете своите грешки, за мене тоа сега е минато“, рече Суарез.
Тој посочи дека е подготвен да се врати во репрезентацијата, доколку раководството одлучи дека им е потребен за претстојниот Мундијал.
„Ако сум им потребен, никогаш нема да ѝ кажам не на мојата земја. Додека сум активен, ќе бидам достапен“, порача напаѓачот на Интер Мајами.
Суарез одигра 143 натпревари за уругвајската репрезентација и постигна рекордни 69 голови. (МИА)








