Театрите се пофалија со зголемени буџети, дел од нив рекордни. Од 2024 година буџетот на Министерството за култура и туризам се зголемува секоја година за минимум 10 проценти, а во сите културни институции буџетите за продукција се зголемени од 50 до 100 проценти.
Во „Меѓу редови“ на КУРИР, го прашавме министерот за култура Зоран Љутков што ќе значи ова за публиката.
-Како што можете да приметите, се случува често редици да имаме пред институциите за продажба на билети или имаме институции каде што чекаат по два-три месеци за да се купат карти. Имаме институции кои откако ќе го објават репертоарот, а следниот ден онлајн се распродадени билетите. Зголемениот буџет зборува за зголемена, поквалитетна и побогата продукција. Репертоарите ни се полни секој ден на сите национални установи и тоа посебно ме радува, рече Љутков.
Сите се радуваме на премиери, на богат репертоар, но условите за работа на вработените во театрите се исклучително важни, а тоа Љутков многу добро го знае.
-Да бидеме искрени до крај и чесни, работата во националните установи воопшто не е сјајна. Дури можам да кажам и дека е загрижувачка. Години и години наназад не се инвестирало, претходната Влада воопшто не инвестирала, тоа е факт. До 2016-тата година пак имаме некој напредок, но потоа имаме една длабока стагнација. После пожарот во Кочани се преиспитавме да видиме каква е состојбата на сите објекти, згради. Загрижувачки беше фактот дека голем дел од националните установи не исполнуваат минимум услови за продолжување со работа. Кај дел обезбедивме веднаш средства да ги подобриме условите, одредени, за жал, беа затворени. Таму веднаш почнавме со изработка на нови проекти, рече Љутков.
Посочи дека Турски театар е во завршна фаза, исто како и театарот и библиотеката во Тетово.
-Ја работиме Универзална сала, театарот во Куманово, се работи и во театарот во Струмица. Најзагрижувачка е ситуацијата во Народниот театар во Прилеп, таму веќе го работиме идејното решение. Таму веќе има проект за реконструкција на Центарот за култура со доградба за театар. Но ако ние почнеме да го правиме тоа, а театарот е затворен, тогаш вработените ќе ги оставиме на улица. Затоа се решивме, заедно со вработените, комплетно да го реконструираме стариот театар „Војдан Чернодрински“-Прилеп, кога ќе го завршиме да продолжиме со реконструкција на Центарот за култура. Мислам дека тоа е најпрактично решение, рече Љутков.
Таков проект се работи и во Штип, а ќе започне и во Охрид.
Целото интервју со министерот Љутков, погледнете го во видеото во продолжение:








