Министерството за социјална политика, демографија и млади во партнерство со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), на 7 и 8 мај 2026 година во Скопје, организира Регионална министерска конференција – „Предводење на промените: Патеки кон демографска отпорност согласно потребите на луѓето“. Во продолжение ви го испраќаме говорот на министерот за социјална политика, демографија и млади,Фатмир Лимани во целост:
Почитуван Премиер
Ваши Екселенции,
Почитувани претставници од УНФПА (Фондот за население на Обединетите нации), драги министри, гости и партнери
Добредојдовте во Скопје на Втората регионална министерска конференција за демографска отпорност. Ми претставува чест што денес сме собрани на едно место со заедничка цел: да разговараме за иднината на нашите општества.
Дозволете најнапред да изразам благодарност за силната поддршка од Претседателот на Владата, г-дин Христијан Мицкоски, кој демографијата ја постави како стратешки приоритет на оваа Влада.
Благодарност до нашите партнери, Обединетите нации (ООН) и УНФПА, за одличната соработка и посветеноста заеднички да креираме одржливи решенија за демографска отпорност.
Изразувам искрена благодарност до сите земји и меѓународни организации што ја прифатија поканата да бидат дел од оваа важна платформа за дијалог и соработка.
Почитувани,
Регионот и голем дел од Европа, особено Источна Европа, се соочуваат со сериозни демографски предизвици, низок фертилитет, миграција и забрзано стареење на населението.
Во некои земји, населението е намалено за една третина од 90-тите наваму, со директни последици врз пазарот на труд, здравствените и пензиските системи и економската конкурентност.
Во исто време, контрастите на евро-азискиот простор стануваат сè по-изразени. Додека Европа се соочува со недостиг на работна сила поради стареењето, Централна Азија има предизвик, како да ја искористи брзо-растечката млада популација, која во следните 25 години ќе се зголеми за 20 милион работоспособни луѓе.
Овие различни реалности бараат долгорочни и храбри политики насочени кон луѓето, засновани на докази, човекови права и регионална соработка. Наша задача е да го промениме наративот: од демографска анксиозност кон демографска отпорност.
Концептот на демографска отпорност станува сè поважен. Таа значи способност на општествата да ги препознаат, прилагодат и да управуваат со демографските промени, преку политики што ги ставаат луѓето и нивните права во центарот.
Земајќи предвид дека развојот на сеопфатна демографска политика е наш стратешки приоритет, нашата визија е насочена кон градење општество што инвестира во човечкиот капитал.
Посветени сме на поддршка на семејствата, унапредување на заштитата на децата, развој на социјални услуги, и во еднаквите можности за сите.
Иселувањето, особено на младите, е клучен демографски предизвик, затоа миграциските и повратните политики се важен дел од нашата стратегија за демографска отпорност.
Програмата на Владата 2024–2028 ги става младите во фокус преку образование, развој на вештини, учество во одлучувањето, поддршка на претприемништвото и иновациите.
Со поддршка на УНФПА, ја финализираме Националната стратегија за демографски развој и отпорност, усогласена со Националната Развојна Стратегија 2023–2042 и Рамката за соработка со Обединетите нации 2026–2030.
Во моментов се одвиваат јавни консултации со сите релевантни чинители, по што стратегијата ќе биде доставена на усвојување од Владата и Собранието.
Стратегијата обезбедува мулти-секторски пристап кон демографската иднина, со фокус на инвестирање во човечкиот капитал, зајакнување на семејствата и младите, социјална инклузија и политики за циркуларна миграција, мобилност и улогата на дијаспората во градење долгорочна демографска отпорност.
Паралелно, се работи и на нов системски закон за управување со миграции и ре-интеграција на повратници, како и на модернизација и дигитализација на услугите, со цел нашите граѓани без разлика дали живеат во земјата или во странство да имаат полесен пристап до своите права и услуги.
Почитувани,
Денес зборуваме за глобален предизвик со кој се соочуваме сите ние. Затоа упатуваме јасен и конкретен повик, за силни партнерства, за усогласени и заеднички политики и за храбра долгорочна визија. Демографските предизвици не познаваат граници и не можат да се решаваат изолирано.
Потребна ни е заедничка акција, споделување на знаење и координирани решенија што ќе ги поврзат регионите и ќе создадат одржливи можности за сите генерации.
Само преку вистинска соработка денес, можеме да изградиме стабилни, отпорни и просперитетни општества утре.
Благодарам !








