Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави ќе ја паузираат својата мисија за придружба на трговските бродови низ Ормускиот теснец, само два дена откако таа започнала, наведувајќи дека целта е постигнување мировен договор со Иран.
И покрај неодамнешните воени тензии во регионот, Трамп порача дека е постигнат „голем напредок“ во преговорите и дека операцијата за придружба на бродовите ќе биде привремено прекината за да се види дали договорот може да биде финализиран и потпишан. Тој додаде дека одлуката е донесена по барање на Пакистан и други држави, но нагласи дека блокадата на иранските пристаништа останува во целосна сила.
Во меѓувреме, Трамп преку социјалните мрежи повторно упати закана дека САД ќе продолжат со бомбардирање на Иран доколку не биде постигнат договор за завршување на конфликтот. Тој истакна дека, доколку Иран не се согласи, нападите ќе започнат повторно и ќе бидат „на многу повисоко ниво и со поголем интензитет од претходно“.
Од друга страна, Иранската револуционерна гарда соопшти дека безбедниот поморски сообраќај низ Ормускиот теснец ќе биде обезбеден. Во соопштение на социјалните мрежи, тие им се заблагодарија на капетаните и сопствениците на бродови во Персискиот Залив и Оманскиот Залив за почитување на правилата и придонесот кон регионалната поморска безбедност, наведувајќи дека со новите протоколи е овозможен стабилен и безбеден премин.
Спорот околу пловидбата низ Ормускиот теснец и иранската нуклеарна програма се во центарот на заглавените преговори меѓу Вашингтон и Техеран, кои траат по двомесечен конфликт започнат со американско-израелски напади.
Во понеделникот, Иран испали ракети и дронови кон американските сили, додека САД соопштија дека погодиле шест ирански бродови за кои тврдат дека ја загрозувале трговската пловидба. Истовремено, француската бродска компанија CMA CGM соопшти дека еден од нејзините бродови бил нападнат при пловидба низ Ормускиот теснец, при што има повредени членови на екипажот и оштетувања на пловилото.








