Одбележан патронот на манастирот „Свети Георгиј Победоносец” во село Рајчица

Манастирот „Свети Георгиј Победоносец“, во дебарското село Рајчица, во присуство на верници од повеќе градови, го одбележа патронот, што почна синоќа со празнична Вечерна богослужба.

Денеска на денот кога се слави споменот на патронот и небесен застапник, светиот великомаченик Георгиј Победоносец, во неговиот свет манастир најпрво беше одржана Утрена богослужба, а потоа Божествената архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше неговото преосвештенство, епископ Антаниски г. Партениј,  заедно со свештенослужителите од Бигорската света Обител.

-Ви благодарам уште еднаш на сите што дојдовте тука, во овој манастир, кој самиот по себе е едно чудо на Свети Георгиј. Да го земеме, мили мои, за свој пример Светиот Великомаченик Георгиј и да станеме, пред сè, подобри луѓе. Многу ни недостасува најнапред тоа. А потоа и добри Христијани. Христос воскресе, порача меѓу другото г. Партениј.

По денешното поклонение на верниците во  неговиот манастир во Рајчица, моштите на свети Георгиј ќе бидат пренесени во градот Струга.

–  Тоа за да во текот на утрешниот ден, 7 мај, бидат дел од торжествената Литија во негова чест, која нашиот Старец, заедно со братството и сестринствата, а со благослов на блаженоупокоениот митрополит Тимотеј, ја возобновија пред 16 години, велат од манастирот.


„Св. Георгиј Победоносец“ е женски манастир и се наоѓа на околу два километра од Дебар, како метох на Бигорскиот манастир, а негова втора манастирската слава е Воздвижението на чесниот и животворен Крст Господов – Крстовден.

Првиот храм кој се наоѓал на истото место каде што е денешниот е направен во XVI век, кој пак, е изграден во XIX век, 1835 година како метох на Бигорскиот манастир. Тоа е времето кога игумен на Бигорскиот манастир бил архимандритот Арсениј од Галичник.

Црквата била зографисана и живописана во периодот од 1840 до 1852 година, од зографот Михаил и монахот Данил од Бигорскиот манастир, додека долниот дел го досликал нивниот ученик Дичо Зограф од Тресонче.

Од 2003 година раичката Обител се удостои да добие дел од светите, благоухани и исцелителни мошти на Великомаченикот Георгиј, кои се тука благодарение на отец Партениј.
Уште истата година во Солун е изработено сребрено ковчеже во вид на рака во кое моштите се изложуваат за поклонение. За раката е специјално изработена и дополнителна украсна кутија во вид на црква.

МИА