„Ќе умрам овде.“
Така гласела телефонската порака што Енди ван дер Мејде му ја упатил на својот менаџер. Имаше само 30 години. Седеше во стан во Ливерпул и полека се уништуваше со алкохол и дрога. Линиите што му го одредуваа животот повеќе не беа аут-линиите на фудбалскиот терен. Беа други бели линии.
Само десет години претходно беше едно од новите чуда на Ајакс. Дебитираше за гигантот од Амстердам на 18 години и брзо стана дел од генерацијата на Роналд Куман, во која играа Златан Ибрахимовиќ, Мидо, Весли Снајдер и Рафаел ван дер Варт.
Патот изгледаше однапред напишан. Од Ајакс замина во Интер, тогаш еден од најбогатите клубови во Европа. „Се чувствував како бог. Можев да правам што сакам. Потпишував автограми како крал. Имав многу пари и сè беше лесно“, ќе раскажува подоцна за Би-Би-Си.
На Европското првенство во 2004 година беше на врвот. Настапи како стартер на четири од петте натпревари на Холандија и играше во нападот заедно со Руд ван Нистелрој и Арјен Робен. Никој тогаш не можеше да претпостави дека тоа ќе бидат неговите последни големи моменти во дресот на „Лалињата“. Имаше само 24 години.
Со текот на времето во Интер почна сè помалку да игра. Спасот го бараше во алкохолот. Колку помалку минути добиваше на теренот, толку повеќе време поминуваше во ноќниот живот. Последниот гол во кариерата го постигна на 25 години, во Лигата на шампионите против Валенсија.
На крајот од сезоната 2004/05 се појави можност за преселба во Монако. Ван дер Мејде бил воодушевен, но постоел еден проблем. Неговата сопруга не сакала да живее во стан. Причината? Во тоа време чувала единаесет коњи, една камила и неколку зебри.
„Не можеш да чуваш зебра во стан, па затоа не отидовме во Монако и завршивме во дождливиот Ливерпул“, се присетуваше Холанѓанецот.
Во Евертон хаосот стана секојдневие. Најпознатиот момент во Премиер лигата му беше црвен картон добиен само шест минути по влегувањето во игра на дерби против Ливерпул. Сè друго што вреди да се памети се случуваше надвор од теренот.
Во август 2006 година беше примен во болница со проблеми со дишењето. Неколку часа претходно пиел во бар и тврдеше дека некој му ставил недозволени супстанци во пијалакот. Клубот го казни со две недели плата.
Во исто време неговата петмесечна ќерка беше хоспитализирана со сериозни здравствени проблеми. Сам во Ливерпул, Ван дер Мејде тонеше сè подлабоко. Само една недела подоцна му ја ограбија куќата. Крадците му однесоа Ферари, Мини Купер, па дури и кучето.
Минутите на теренот речиси исчезнаа. Во сезоната 2006/07 одигра само 388 минути во Премиер лигата. Во следната – ниту една. Во сезоната 2008/09 доби само десет минути. Последните десет минути од неговата професионална кариера.
Во меѓувреме водеше двоен живот. На сопругата ѝ кажал дека мора да помине неколку дена во хотел поради повреда и рехабилитација. Една недела подоцна се вратил само за да земе уште облека. Сопругата станала сомничава и ангажирала приватен детектив.
Така било откриено дека Ван дер Мејде живее со нова девојка – стриптизета, дел од светот што веќе одамна му бил добро познат.
„Да се опивам во стриптиз-клуб во центарот на Ливерпул не беше паметна одлука“, признаваше подоцна. Но тоа било само бегство. Од депресијата. Од проблемите. Од самиот себе.
„Имав многу пари. Можев да купам што сакам и да бидам со кого сакам. Беше многу лесно да излезеш од колосек затоа што немаше никакви граници.“
Семејството се распадна. Договорот со Евертон истече. Но животот во Ливерпул продолжи. Без клуб, без фудбал и без цел. Деновите ги минуваше меѓу алкохолот, дрогата и казината.
Во исто време Арјен Робен, неговиот поранешен партнер од спротивната страна на холандскиот напад, стануваше еден од најдобрите фудбалери во светот. Ван дер Мејде чувствувал дека умира.
Следуваше повикот до менаџерот.
Успеаја да го извлечат од тој живот и да му организираат тренинзи со Ајакс. Подоцна потпиша и за ПСВ, но никогаш повеќе не заигра на официјален натпревар. Последен пат беше стартер на 27 години.
По долгата борба со зависностите, успеа делумно да го среди животот. Почна да работи на телевизија, отвори YouTube канал и повторно воспостави контакт со своите деца. Во 2014 година се појави и како судија на едно необично натпреварување познато како Lingerie World Cup, турнир во кој учесничките настапуваа во долна облека.
Но чувството на вина никогаш не исчезна.
„Бев идиот. Понекогаш лежам во кревет и си велам: човеку, ти навистина беше добар играч. Во еден период бев второто најдобро крило во Европа, веднаш зад Луиш Фиго. Сè уништив.“







