„Кога галебите следат рибарски брод, тоа е затоа што очекуваат сардини да бидат фрлени во морето.“
Оваа мистериозна реченица ја изговори Ерик Кантона во 1995 година. Само неколку моменти претходно францускиот фудбалер беше осуден поради инцидентот што ќе го одбележи неговото име засекогаш – кунг-фу ударот врз навивач на Кристал Палас.
Навивачот се симнал неколку реда по трибините за да го навредува, а Кантона му возврати на начин што светот на фудбалот никогаш дотогаш не го видел. Наместо извинување, наместо објаснување, Французинот пред новинарите ја изговори реченицата за галебите и сардините. Никој не беше сигурен што сака да каже. Но тоа беше Ерик Кантона – човек кој никогаш не се обидуваше да биде разбран.
Со подигната крагна на дресот, избричена глава и сериозен поглед, Кантона изгледаше како офицер што командува на теренот. Во најдобрите години во Манчестер Јунајтед беше симбол на клубот, лидер на генерацијата што Алекс Фергусон ја претвори во шампионска машина и човекот кого Англичаните го нарекоа „Ле Роа“ – Кралот.
Но неговата привлечност кон контроверзиите започна многу порано.
Уште во 1985 година, како млад фудбалер на Оксер, влезе во тепачка по натпревар против Курнон Ле Седр. Според сведоштвата од тоа време, по мечот тргнал сам против група противнички играчи и навивачи, а конфликтот го смирувал легендарниот тренер Ги Ру.
Во Марсеј, клубот што го обожуваше уште од детството, неговиот талент експлодираше. Постигнуваше голови, ги воодушевуваше навивачите, но и продолжи да ги собира скандалите како што другите собираат трофеи.
Во 1987 година јавно го нападна селекторот на Франција, Анри Мишел, затоа што не го повикал во репрезентацијата.
„Анри Мишел не е далеку од тоа да биде вреќа со измет. Се надевам дека еден ден ќе откриеме дека е еден од најнеспособните тренери во светот“, изјави Кантона.
Казната беше неминовна. Беше исфрлен од националниот тим на една година и се заколна дека нема повторно да игра за Франција додека Мишел е селектор. Подоцна беше вратен во репрезентацијата од неговиот наследник – Мишел Платини.
Слични сцени следуваа и во клубовите. Во Марсеј му фрли копачка во лицето на соиграч за време на расправија во соблекувалната. Во Ним ја гаѓаше судиската екипа со топка и одби да се појави на дисциплинска расправа.
На 25 години дури одлучи да ја заврши кариерата. Само убедувањето на Платини го натера да се премисли. Потоа доби уште еден совет – да замине во Англија.
Таму започна легендата.







