Фудбалскиот клуб Шкендија од Тетово вечерва излезе со реакција по повод вчерашната одлука на ФФМ да се казни тетовскиот клуб со исфрлање од Купот за наредната сезона и висока парична казна.
-По последната одлука на Фудбалска федерација на Македонија кон Шкендија, спонзорот на клубот бара оваа, како што ја оценува, скандалозна одлука итно да биде преиспитана и коригирана. Шкендија е еден од ретките клубови што функционира со сериозност, коректност и целосна усогласеност со спортските и финансиските обврски. Нашиот придонес низ годините бараше големи вложувања, труд и жртви. Дополнително, Шкендија е клубот кој со своите достоинствени настапи на европската сцена го зголеми коефициентот на македонскиот фудбал, од што корист имаат сите домашни клубови. Благодарение на тоа, од следната сезона македонскиот фудбал ќе добие дополнително место во европските купови, се наведува во нивното соопштение.
Најавија дека ја разгледуваат можноста да се повлечат од фудбалот во Македонија.
-Поради тоа, неприфатливо е со одлуки донесени зад затворени врати да се нанесува штета на еден сериозен проект и ваквиот придонес да биде „награден“ со намерни удари. Ваквиот пристап нè принудува да ја разгледаме и можноста за повлекување од клубот, па дури и од фудбалот во Македонија. Доколку ФФМ не ја повлече оваа одлука, ние како спонзор сериозно ќе го преиспитаме нашето понатамошно присуство, бидејќи ваквата одлука ги нарушува правата и политиките на клубот. Очекуваме надлежните органи на ФФМ итно да покажат одговорност и да реагираат во интерес на спортската правда, клубот и иднината на фудбалот воопшто, велат од ФК Шкендија.






