Бестселерот „Седумте мажи на Евелин Хуго“ станува филм на Нетфликс, а ќе го режира Ана Кендрик

По успехот на своето режисерско деби со филмот „Woman of the Hour“, 40-годишната Ана Кендрик повторно се враќа зад камерата со нов проект. Имено, актерката ќе го режира филмското остварување на еден од најголемите книжевни феномени во последната деценија – романот „Седумте мажи на Евелин Хуго“ од американската авторка Тејлор Џенкинс Рејд.

Проектот ќе се реализира во соработка со Нетфликс, кој веќе успешно соработуваше со Кендрик на нејзиниот прв режисерски проект. Според американските медиуми, компанијата била особено заинтересирана актерката повторно да седне на режисерското столче.

Филмската адаптација се темели на истоимениот бестселер на „Њујорк тајмс“, продаден во повеќе од 24 милиони примероци ширум светот и преведен на повеќе од 40 јазици.

Романот ја следи приказната на повлечената холивудска легенда Евелин Хуго, која на крајот од својот живот одлучува конечно да ја открие вистината за својата кариера, седумте бракови и бројните тајни што ги криела со децении. За таа цел ја избира речиси непознатата новинарка Моник Грант, која добива задача да ја напише нејзината биографија.

Додека Моник ја слуша животната приказна на славната актерка – од сиромашните почетоци, преку пробивот во Холивуд во педесеттите години, па сè до повлекувањето од јавниот живот – пред читателот се отвора свет исполнет со амбиција, љубов, предавства, скандали и жртви направени во име на славата.

Она што го прави романот посебен е неговата повеќеслојност. Евелин Хуго не е само холивудска ѕвезда, туку жена која со години внимателно го градела својот јавен имиџ, криејќи ја вистината за својот приватен живот. Затоа книгата отвора теми за идентитетот, моќта, сексуалноста, медиумите и цената на успехот.


Книгата е објавена на македонски јазик во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и е достапна во книжарниците на „Литература.мк“. Романот предизвика голем интерес и кај македонските читатели, а по своето објавување беше меѓу најпродаваните на Саемот на книгата, потврдувајќи го својот статус на светски книжевен феномен.

Книжевните критичари често ја издвојуваат способноста на Тејлор Џенкинс Рејд да создава ликови кои делуваат толку реално што читателите често пребаруваат дали навистина постоеле. Ликот на Евелин Хуго е инспириран од неколку легендарни холивудски диви, а самата авторка признала дека најголемо влијание имале Елизабет Тејлор, која беше во брак осум пати со седум различни мажи, Ава Гарднер и Рита Хејворт.

Токму затоа многумина ја опишуваат Евелин Хуго како книжевен спој на најголемите женски икони од златната ера на Холивуд – жена со гламурот на Елизабет Тејлор, мистичноста на Ава Гарднер и харизмата на Рита Хејворт.

Романот првпат беше објавен во 2017 година и беше номиниран за наградата „Goodreads Choice Awards“ за најдобра историска фикција. Неговата популарност дополнително експлодираше благодарение на BookTok заедницата на TikTok, каде што содржините поврзани со книгата имаат стотици милиони прегледи.

Филмот моментално е во фаза на развој. Сценариото го адаптираше Лиз Тигелар, додека Франческа Слоун работи на понатамошната разработка на приказната. Засега не се објавени детали за актерската екипа, но со оглед на огромната популарност на романот, се очекува адаптацијата да биде еден од најгледаните филмски проекти на Нетфликс во наредните години.