Чавков во интервју за МИА: Судењето за „27 април“ не може да се одвои од процесот за промена на уставното име

Aко навистина сакаме објективна слика за „27 април“, мора да се провери целината: што се случувало пред настанот, што се случувало за време на настанот, што се случувало потоа и како тие процеси биле поврзани со тогашните политички цели, пред сè, промената на уставното име на Република Македонија – изјави во интервју за МИА, Митко Чавков, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност и министер за внатрешни работи, кој беше осуден за настаните од 27 април 2017 година во Собранието.

Чавков во интервјуто вели дека инсистира на правна верификација и непристрасна проверка на сомневањата дека се извршени кривични дела од оние што требаше да ја утврдат вистината.

– Да истакнам уште еднаш, ако има одговорност, таа треба да се утврди во законита, фер и непристрасна постапка. Ако нема одговорност, тоа исто така треба јасно да се утврди. Најлош исход за едно општество е кога големи историски настани остануваат покриени со политички наративи и недоверба во институциите. Затоа сметам дека зад завесите останаа многу прашања. А тие прашања не се важни само за минатото, туку и за иднината на Македонија – рече Чавков.

Од денешна перспектива, судењето за „27 април“ не може да го гледа изолирано од политичките процеси што се одвиваа во државата по 2017 година.

– Станува збор за исклучително сложен, повеќеслоен и историски процес, кој имаше далекосежни политички и правни последици за Република Македонија. Јас бев осуден на 16 години затвор за кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата. По барање на директорот на затворот во Штип, Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 донесе решение за условен отпуст и на 4 мај 2026 година излегов на слобода. Но сакам да потенцирам дека зад таа информација стојат девет години лична и семејна голгота, со трајни последици. Ќе бидам директен: според моето длабоко уверување, процесот за „27 април“ беше политички контаминиран уште од самиот почеток, тоа го темелам на конкретни факти и околности – рече Чавков

Што се однесува до повредите на постапката, како што посочува, и денес останува на ставот дека се соочиле со она што тој го нарекува законита неправда, односно состојба во која формално постојат правни процедури, но нивната суштина и примена се во функција на однапред поставена политичка цел.

– Од денешна перспектива, целиот процес, од преткривичната постапка преку истрагата, па сè до самото судење, остави сериозни сомневања за почитувањето на правото на фер судење пред независен и непристрасен суд – вели Чавков.

Денес, по одбивањето на барањето за повторување на постапката, единствената правна надеж за него, нагласува тој, останува Европскиот суд за човекови права во Стразбур, каде што веќе постојат апликации поврзани со повреда на правото на фер судење и незаконити притвори.

– Сакам да бидам јасен, повторувањето на постапката за мене никогаш не беше само лично прашање. Тоа беше можност не само да се исправи евентуална неправда кон осудените туку и можност општеството институционално да провери дали правосудниот систем бил ставен во функција на политички цели. Бидејќи, ако таквите сомневања никогаш не се проверат, тогаш ризикот останува и за иднината – рече Чавков.

Господине Чавков, добивте условен отпуст од затворот во Штип, каде што издржувавте казна за случајот од 27 април 2017 година во Собранието. Од денешна дистанција како би ги квалификувале судeњето и целиот тој процес што се случуваше по настаните од 27 април? 

– Од денешна перспектива, судењето за „27 април“ не можам да го гледам изолирано од политичките процеси што се одвиваа во државата по 2017 година. Станува збор за исклучително сложен, повеќеслоен и историски процес, кој имаше далекосежни политички и правни последици за Република Македонија. Јас бев осуден на 16 години затвор за кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата. По барање на директорот на затворот во Штип, Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 донесе решение за условен отпуст и на 4 мај 2026 година излегов на слобода. Но сакам да потенцирам дека зад оваа информација стојат девет години лична и семејна голгота, со трајни последици. Ќе бидам директен: според моето длабоко уверување, процесот за „27 април“ беше политички контаминиран уште од самиот почеток, тоа го темелам на конкретни факти и околности. Имено, веднаш по настаните, уште на 28 април 2017 година, од партиското седиште на тогашната опозиција настаните беа јавно квалификувани како терористичко загрозување на уставниот поредок. Потоа следуваа политички изјави во истиот правец. Во едно демократско општество квалификацијата на кривично дело не смее да произлегува од политички штабови, туку исклучиво од независна и непристрасна истрага. Токму тука, според мене, почна политичката контаминација на целиот процес. Дополнително, Обвинителството преку екстензивно толкување на законското битие на кривичното дело против државата, на дејства што по својата природа претставуваат класични кривични дела – насилство, учество во толпа, телесни повреди – им даде димензија на тероризам. Таквото широко толкување на кривичните дела против државата историски секогаш претставувало опасен простор за политичка злоупотреба на правото. Затоа сметам дека „27 април“ не треба да остане тема затворена под политички и медиумски наративи, туку предмет на сериозна правна, историска и општествена анализа. Ова не го зборувам само заради мене или заради минатото. Напротив, го зборувам, пред сè, заради иднината на државата. Еднаш ако се прифати можноста правото и судството да се користат како инструмент за постигнување политички цели, тогаш тоа останува опасност за секој граѓанин, без разлика на неговата политичка или идеолошка припадност. Затоа сметам дека на Македонија ѝ е потребна сериозна правна и институционална верификација на политички чувствителните процеси од тој период. Не за реваншизам, не за поништување на правниот поредок, туку за проверка дали постапките биле навистина фер, независни и еднакви за сите. Само така може постепено да се враќа довербата во правосудниот систем. Во контекст на мојот одговор на прашањето, ќе направам паралела и би се навратил на настаните поврзани со шарената револуција кога беше запалена канцеларијата на претседателот на државата – зарем требаше тие настани да ги квалификуваме како кривично дело против државата?


Според Вас и Вашите правни застапници, какви повреди имаше во постапката против вас, но и против други лица осудени за овој настан?

– Што се однесува до повредите на постапката, и денес останувам на ставот дека се соочивме со она што јас го нарекувам „законита неправда“, состојба во која формално постојат правни процедури, но нивната суштина и примена се во функција на однапред поставена политичка цел. Од денешна перспектива, целиот процес, од преткривичната постапка преку истрагата, па сè до самото судење, остави сериозни сомневања за почитувањето на правото на фер судење пред независен и непристрасен суд. Притворите, на пример, се продолжуваа со речиси идентични и шаблонски решенија, без суштинско образложение. Во еден момент Врховниот суд донесе одлука со која затворскиот притвор беше заменет со куќен притвор. Но веќе следниот ден експресно беше поднесен обвинителен акт и повторно беше побаран затворски притвор. По 24 часа поминати дома во куќен притвор, со непочитување на одлуката на највисокиот суд, бевме вратени во затворот во Шуто Оризари. Самото судење се одвиваше со исклучително интензивна динамика, рочишта што траеја по 10 или 12 часа, по неколку дена неделно. Под образложение за „јавен интерес“ и „ефикасност“, практично се создадоа услови што сериозно го отежнуваа правото на соодветна одбрана и внимателна анализа на доказите. Таа динамика имаше своја причина и важност. Судењето за „27 април“ не може да се одвои од тогашните политички процеси во државата, особено процесот за промена на уставното име на Република Македонија. Паралелно со судењето: се одвиваше референдумот, почна процесот на уставни измени, а во текот на самата доказна постапка беше донесен и Законот за амнестијата. Токму тој момент остави најдлабок впечаток во јавноста дека судскиот и политичкиот процес се движат по паралелни колосеци. Од вкупно 33 обвинети, по амнестијата, останавме 16 лица против кои постапката продолжи до крај. Се создаде впечаток дека амнестијата, покрај формалното образложение за национално помирување, имаше и силна политичка функција во обезбедувањето на потребното двотретинско мнозинство за уставните измени. По првостепената пресуда од 15 март 2019 година, иако се бранев од слобода со гаранција обезбедена од моето семејство, повторно бев притворен врз основа на службена белешка за наводен план за бегство. Подоцна се покажа дека наводите биле неточни, но последиците од таквите постапки останаа. Имаше и други сериозни ситуации. Лично подготвив жалба на пресудата, но таа никогаш не беше процесирана бидејќи, според моите сознанија, била уништена во рамките на затворскиот систем. Тоа за мене претставува еден од најтешките примери на повреда на правото на одбрана. И покрај многуте укажувања за повреди на постапката, повисоките судови не се охрабрија суштински да ги преиспитаат. Токму затоа и тогаш, а и денес, сметам дека политичкиот влог во процесот беше преголем за да се дозволи поинаков исход. Денес, по одбивањето на барањето за повторување на постапката, единствената правна надеж останува Европскиот суд за човекови права во Стразбур, каде што веќе постојат апликации поврзани со повреда на правото на фер судење и незаконити притвори. Сакам да бидам јасен, повторувањето на постапката за мене никогаш не беше само лично прашање. Тоа беше можност не само да се исправи евентуална неправда кон осудените туку и можност општеството институционално да провери дали правосудниот систем бил ставен во функција на политички цели. Бидејќи, ако таквите сомневања никогаш не се проверат, тогаш ризикот останува и за иднината.

Дали останувате на Вашиот претходен став за повторување на судењето и што тоа лично за Вас би значело?

– Да, останувам на ставот дека повторувањето на постапката беше и останува легитимно правно и општествено прашање. Но, сакам да бидам многу јасен: за мене, тоа никогаш не било прашање на реваншизам или некаква желба за пресметка со поединци. Напротив. Сметам дека повторувањето на постапката ќе беше можност преку една независна, непристрасна и фер процедура да се проверат сите сериозни сомневања што со години постојат во јавноста поврзани со целиот процес за „27 април“. Тоа ќе беше важно не само за нас осудените туку уште повеќе за довербата во правосудниот систем и за иднината на државата. Бидејќи кога во едно општество постојат длабоки сомневања дека правото било ставено во функција на политички цели, тогаш институциите немаат алиби тие сомневања никогаш да не бидат проверени. За жал, домашните судови не се одлучија на таков чекор и денес единствената правна надеж останува Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Настанот од 27 април беше еден вид пресвртница во нашата понова историја. Има ли делови од целиот тој настан и лица што останаа зад завесите, а требаше да бидат обвинети, особено меѓу оние за кои се создаде перцепција дека се жртви?

– Настаните од 27 април навистина беa пресвртница во поновата македонска историја. Но токму затоа сметам дека не смее да остане затворена темата само во рамките на веќе изграден политички и медиумски наратив. Има многу прашања, што, според мене, никогаш не беа сериозно и непристрасно истражени. Таа шанса ја имаа Обвинителството и судството доколку се повтореше постапката. Според мене, остануват отворени прашањата: Кој сè имаше улога во создавањето на атмосферата пред настаните? Кој сè знаеше што може да се случи? Кој политички профитира од целиот процес? Дали сите актери беа третирани еднакво? Дали имаше лица што беа заштитени, а други селектирани за кривичен прогон? Не би сакал јас да одговарам со квалификации, туку институциите со факти, докази и фер постапка. Мојот став е дека целиот процес беше селективен. Од една страна, имаше лица што беа претставени исклучиво како жртви, а од друга, имаше лица што однапред беа политички и медиумски означени како виновници. Таквиот пристап не само што не донесе правда туку направи поделби и трајна недоверба. Ако навистина сакаме објективна слика за 27 април, мора да се провери целината: што се случувало пред настанот, што се случувало за време на настанот, што се случувало потоа и како тие процеси биле поврзани со тогашните политички цели, пред сè, промената на уставното име на Република Македонија. Не тврдам дека некој треба да биде осуден врз основа на перцепција. Напротив. Токму затоа инсистирам на правна верификација и, се разбира, со непристрасна проверка на сомневањата дека се извршени кривични дела од оние што требаше да ја утврдат вистината. Да истакнам уште еднаш, ако има одговорност, таа треба да се утврди во законита, фер и непристрасна постапка. Ако нема одговорност, тоа исто така треба јасно да се утврди. Најлош исход за едно општество е кога големи историски настани остануваат покриени со политички наративи и недоверба во институциите. Затоа сметам дека зад завесите останаа многу прашања. А тие прашања не се важни само за минатото, туку и за иднината на Македонија.

Со што ќе се занимавате сега откога сте на слобода?

– По девет години исполнети со притвори, судења и затвор, природно е човек најпрвин да посака мир, време со семејството и враќање кон нормалниот живот. Јас веќе остварив право на пензија, но правото, безбедноста и владеењето на правото остануваат мој траен професионален и личен интерес. Магистер сум по казнено право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и планирам значителен дел од времето да го посветам на читање, пишување и анализа на теми поврзани со правосудството, човековите права и функционирањето на институциите. Исто така, чувствувам и лична и професионална обврска да придонесам во јавната дебата за владеењето на правото, особено за потребата од фер постапки, еднакви стандарди и институции ослободени од политички влијанија. Но, пред сè, сакам времето да го поминувам со моето семејство и со моите внуци, на кои особено се гордеам. По сè што поминавме изминатите години, тоа за мене има посебна вредност. ев/дј

ФОТО МИА: Слободан Ѓуриќ