Министерот за надворешни работи на Литванија, Кестутис Будрис, испрати силни пораки за поддршка на Македонија и нејзиниот европски пат, нагласувајќи дека Литванија ќе остане цврст сојузник на земјата во процесот на пристапување кон Европската Унија.
Будрис најави дека од 1 јануари, кога Литванија ќе го преземе претседавањето со Советот на Европската Унија, политиката на проширување ќе биде еден од врвните приоритети.
„Верувам во силна Европска Унија како силен геостратешки актер. За Европа да биде посилна, мора да биде поголема и да им даде можност на земјите кои предолго чекаат да станат дел од европското семејство. Македонија спроведува реформи и тој напредок е препознаен. Државата е на вистинскиот пат, а Литванија ќе продолжи силно да го поддржува вашиот европски пат. Ја имате нашата целосна поддршка и помош во овој процес“, истакна Будрис.
Тој нагласи дека Македонија и Литванија споделуваат заедничка стратешка визија за силна, обединета и безбедна Европа, оценувајќи дека процесот на проширување треба да остане заснован на заслуги и реално постигнатите резултати.
Според Будрис, напредокот на земјите кандидати треба да се оценува врз основа на извештаите на Европската комисија, а Македонија добива позитивни оценки.
„Напредокот треба да го мериме врз основа на извештаите на Европската комисија. Од она што го читам во последниот извештај, Северна Македонија е на вистинскиот пат и затоа заслужува нашата континуирана поддршка“, порача шефот на литванската дипломатија.
Изјавите на Будрис претставуваат уште една потврда за поддршката што Македонија ја добива од земјите членки на Европската Унија во насока на продолжување на евроинтегративниот процес и вреднување на реформите што ги спроведува земјата.








