БЕСЕНТ: САД го зголемуваат економскиот притисок врз Иран, губат стотици милиони долари дневно

САД дополнително го зголемија економскиот притисок врз Иран со блокирање на извозот на нафта и финансиските текови, додека Техеран, и покрај загубите од стотици милиони долари дневно, одбива да се откаже од својата нуклеарна програма, изјави денеска американскиот министер за финансии Скот Бесент.

Во интервју за Фокс њуз, Бесант изјави дека кампањата наречена „Операција Економски бес“ има за цел дополнително да ги ослаби иранските приходи, особено од секторите за нафта и криптовалути, нагласувајќи дека Иран губи до 400 милиони долари дневно од извозот на нафта поради блокадата на САД.

Тој, исто така, оцени дека зголемената понуда на нафта на глобалниот пазар, вклучително и повлекувањето на Обединетите Арапски Емирати од ОПЕК, може да доведе до пад на цените на енергијата во наредниот период.

Според него, мерките на САД вклучуваат блокирање до два милиони барели нафта дневно, како и замрзнување на стотици милиони долари во криптовалути и други финансиски ограничувања насочени кон банките и бродовите поврзани со Иран.

Бесент оцени дека иранските власти се под силен економски притисок, тврдејќи дека имаат тешкотии со финансирањето на војската, додека резервите на нафта се акумулираат поради ограничениот извоз и полните капацитети за складирање.

Во исто време, инфлацијата во Иран значително се зголеми, додека националната валута ослабе, така што за еден американски долар се потребни околу 1,8 милиони ирански ријали.


Зборувајќи за поширокиот контекст, Бесент нагласи дека зголемените мерки се дел од стратегијата на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, која комбинира воен и економски притисок, со цел Иран да се откаже од развојот на нуклеарно оружје.

Тој додаде дека САД работат на прекинување на сите финансиски текови кон Иран, вклучително и средствата поврзани со Револуционерната гарда, во соработка со меѓународните партнери.

Зборувајќи за американската економија, тој нагласи дека таа покажува отпорност, со постојан раст и силна потрошувачка, што, како што рече, е резултат на даночните и инвестициските мерки што ги воведе Трамп.

Тој, исто така, најави продолжување на економските реформи и зајакнување на индустриското производство, особено во сектори како што се полупроводниците, енергетиката и инфраструктурата.

Бесент се осврна и на глобалните односи, наведувајќи дека прашањето за Иран ќе биде тема на претстојните разговори меѓу САД и Кина, со очекувања дека Вашингтон ќе продолжи да врши притисок врз Пекинг да ја намали економската соработка со Техеран.

Кога станува збор за вештачката интелигенција, Бесент нагласи дека американската влада соработува со технолошките компании за да обезбеди безбедност и да ја зачува технолошката предност на САД, а воедно да ги поттикне иновациите.