Барселона: За 1.600 евра се изнајмуваат тераси за гледање на поминувањето на папата Лав

Папата Лав XIV ја започна повеќедневна посета на Шпанија, за време на која ќе престојува во Мадрид, а планирано е и неговото патување во Барселона. Пред пристигнувањето во каталонската престолнина, на интернет се појавија огласи во кои жителите нудат да ги изнајмат своите дневни соби и балкони за да можат луѓето да ја гледаат папската колона. Цените на ваквите понуди се движат од 250 до дури 1.600 евра.

Еден од огласите, кој се однесува на среда кога Папата треба да ја посети Барселона, и нуди „привремено користење на балконот и дневната соба“ во приватен стан лоциран на раскрсницата на улиците Сицилија и Прованса, во близина на познатата базилика Саграда Фамилија.

Во понудата се наведува дека просторот овозможува директен поглед на базиликата, како и дополнителни погодности како што се закуски, пијалоци (вклучувајќи вино), користење на голем телевизор и тоалети.

Максималниот капацитет на просторот е осум лица, а цената по лице е 250 евра, додека резервацијата на целиот простор достигнува 1.600 евра.


Слични огласи нудат различни опции – од изнајмување цели станови до само балкони или дневни соби. Цените зависат од локацијата, времетраењето и бројот на луѓе, како што објавија шпанските медиуми.

Некои аранжмани предвидуваат користење на просторот за еден ден, додека други нудат пристап за неколку часа, токму во времето кога во центарот на Барселона ќе се одржи еден од клучните настани од посетата на Папата – отворањето и осветувањето на највисоката кула на базиликата Саграда Фамилија, еден од најпознатите симболи на градот.

Градските власти ги предупредуваат граѓаните да бидат внимателни поради можни измами. Се препорачува да се провери веродостојноста на огласот и правото на сопственикот да овозможи пристап до просторот, со цел да се избегнат проблеми и полициски контроли.