👁️  32191

Со нас денес е Александра Шијакоска најпознатата модна блогерка и воедно една од најубавите Македонки. Таа умешно ги комбинира малите работи и на свој начин им дава душа, истите ги прави бесценети, таа е една од ретките пристојни блогерки која прави разлика и со својот креативен и културен пристап стана неприкосновена во светот на модата во Македонија.

АНАЛИТИКУМ: Од каде добивате инспирација за сето ова и што беше пресудно за да се занимавате со моден блог?

Кога станува збор за инспирација за нас е многу лесно. Социјални мрежи, јавни личности кои се поблиску до трендовите, буквално имаме пристап до се и се ни е достапно. Пресудно да се занимавам со блог и социјални мрежи беше тоа што не бев задоволна од работата која ја работев и морав да пробам нешто ново. Така од хоби ми стана работа која ме однесе на поинакво ниво во животот.

АНАЛИТИКУМ: Како изгледа еден ваш вообичаен ден?

Оваа година многу работи се сменаа за мене и ако еден мој обичен ден беше работа од утро до вечер сега повеќе е одмарање и закрепнување па деновите кога се чувствувам добро се трудам да сработам некоја од работите кои сум ги прифатила. Сега повеќе се фокусирам на соработки кои ми одговараат и ме отсликуваат мене. 

АНАЛИТИКУМ: Вие важите за врвен маркетинг менаџер и тоа го потврдуваат и вашите соработници, исто креиравте и свој моден бренд, кои се вашите предизвици со кои се соочувате?

Оваа работа има доста предизвици. Да почнеме од тоа што немаме никаква приватност и животот си го ставаме на “тацна”. Јас конкретно луѓето кои ме следат си ги чувствувам многу блиски и сакам со нив што повеќе работи да споделам, но секогаш има и исклучоци и луѓе кои се тука само за да ти кажат што правиш погрешно, а не што се си направил добро. Среќа што кај мене таквите ги има во незабележливо мал број. Тоа дека соработниците се задоволни од мене и мојата работа се должи на мојата искреност со луѓето што ме следат. Само со искреност може да постигнете некој да верува во вас, никако на поинаков начин. А што се однесува на мојот бренд тоа беше една успешна приказна која ќе се трудам да ја продолжам септември ако се е како што треба. Моментално се е на пауза. 

АНАЛИТИКУМ: Дали позади себе имате соработници и дрим-тим за победи, кој се грижи за вашите проекти да бидат успешни?

Имам доста соработници и пријатели кои ми помагаат, околу идеите и проектите сум задолжена само јас во друг случај не би личеле на мене. За реализирање имам помош од фотограф, видеограф, асистент итн. На мојот инстаграм профил луѓето кои ме следат секогаш можат да видат кој ми помогнал да реализирам некоја идеја. Оваа година ќе мора да поработам на редовен тим кој ќе биде постојано со мене и ќе работиме заедно. 

АНАЛИТИКУМ: Што ве инспирира и како успевате да останете позитивни, среќни во ова турбулентно време, дали оваа работа ве исполнува и е вашиот сон ?

Мене ме прават среќна блиските, пријателите и моето семејство. Тие да се задоволни и среќни јас не барам ништо друго од животот. Претходно знаев да си имам и некои големи желби и амбиции од типот на поубава кола, куќа, брендирана ташна и слично, но од оваа гледна точка на мојот живот ми треба само една соба, два оброци дневно, сите да ми се на број и среќни. 

АНАЛИТИКУМ: Дали сте храбра личност и дали може гордо да кажете дека сте победник?

Да ме прашавте пред година ќе кажев дека сум најхрабрата личност која некогаш ќе ја запознаете. Последната година толку многу ме умори животот што не сум сигурна во многу работи. Храброста е една од тие работи. 

АНАЛИТИКУМ: Што би промениле во нашето опшество и кај луѓето?

Многу работи но да тргнеме од тоа што би сакала луѓето да имаат повеќе разбирање едни за други. Луѓето судат од една обична фотографија без да знаат каква борба води тој што го коментираат и плукаат. Животот е тркало најчесто тоа што го коментираме и мразиме се враќа кај нас како бумеранг. Затоа би сакала луѓето да не се осудуваат едни со други, сепак на крајот на денот има кој да суди. И сите ќе си го дочекаат тој суд еден ден. 

АНАЛИТИКУМ: Кои се вашите идни цели?

Пред да се разболам имав многу цели во животот, не ми ги собираше во нотесот. Моментално сакам само да сум жива и здрава, да имам семејство и причина за среќа и смеа. Сакам родителите и дедо ми да си остарат со мене и да бидам тука за нив. Исто сакм внуците да пораснат со мене. На работен план доволно ми е да можам да работам за да можам да ги остварам горенаведените цели во животот. 

АНАЛИТИКУМ: Каде може да ве контактираатлуѓето?

Секогаш може да ме контактираат на мојот инстаграм профил aleksandrashijakoska исто и на мојот мејл shijakoskaaleksandra@gmail.com.

 АНАЛИТИКУМ: Што ќе им порачате на нашите читатели?

На читателите посебно на помладите (постарите веќе го знаат ова) би им кажала една мисла. Мене животот воопшто не ме поштеди па научив една работа. Најубавиот поглед доаѓа откако ќе ја искачите најтешката угорница. Никогаш не дозволувајте тагата од минатото и стравот од иднината да ви ја уништат сегашноста.