До 18 часот регистрирани 17 пожари, активни се два

До 18:00 часот денеска на територијата на државата се регистрирани вкупно 17 пожари на отворен простор, од кои два сè уште се активни, еден е ставен под контрола, а 14 се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Активни се пожарите во Општина Струмица, на потегот Ново Село, каде што гори ниска вегетација, сува трева и шума во поле, како и пожарот во Општина Центар, на Булевар „Македонија“, каде што се зафатени магацински простории.

Под контрола е пожарот во Општина Кавадарци, кај селото Возарци, каде што гореле ниска вегетација, сува трева, стрниште и напуштени лозови насади.


Во текот на денот изгаснати се 14 пожари на повеќе локации низ државата, меѓу кои во Сарај, Центар, Ченто, Пехчево, Штип, Теарце, Брвеница, Македонски Брод, Прилеп, Ресен, Старо Нагоричане, Куманово и Велес.

Од ЦУК апелираат до граѓаните да бидат внимателни при движење и престој на отворено, особено во услови на високи температури, и да не палат оган на места каде што постои опасност од негово неконтролирано ширење. Надлежните служби и понатаму се на терен и ја следат состојбата со активните пожари.