Ѓулер: НАТО не е во криза, туку се прилагодува на новата безбедносна средина

Турскиот министер за одбрана Јашар Ѓулер, денеска, пред претстојниот самит на Алијансата во Анкара, изјави дека НАТО не е во криза, туку поминува низ процес на прилагодување во новата глобална безбедносна средина.

Пред самитот на НАТО што Турција ќе го организира на 7 и 8 јули во Анкара, Ѓулер рече дека фокусот ќе биде на зајакнување на единството, зголемување на трошоците за одбрана, соработка во одбранбената индустрија и поддршка за Украина, објавија британските медиуми.

На самитот ќе присуствуваат 32 лидери на НАТО, како и претставници на земјите од регионот на Заливот и Азиско-пацифичкиот регион, во време на зголемени тензии во рамките на алијансата во врска со поделбата на трошоците и безбедносните обврски.


Ѓулер истакна дека НАТО останува „клучна платформа на евроатлантската безбедност“ и додаде дека сегашните промени треба да се гледаат како прилагодување, а не како криза.

Според него, САД очекуваат поголема одговорност од своите европски сојузници и Канада, додека Турција треба да биде вклучена во европските одбранбени иницијативи.