Со почетокот на Светското првенство 2026 сè поблиску, љубителите на фудбалот со нетрпение ги очекуваат натпреварите во САД, Канада и Мексико. Покрај големите имиња и искусните асови, вниманието ќе биде насочено и кон младите фудбалери кои би можеле да бидат најголемото откритие на турнирот.
На шампионатот ќе настапат речиси 900 дебитанти, меѓу кои и бројни тинејџери и млади играчи кои веќе се етаблирани во европскиот и светскиот фудбал.
Ламин Јамал (18) – Шпанија
Ламин Јамал веќе не е само надеж на шпанскиот фудбал, туку една од најголемите светски ѕвезди. Напаѓачот на Барселона ќе го има своето деби на Светско првенство како актуелен шампион на Шпанија и европски шампион со „црвената фурија“.
Во 2024 година стана најмладиот фудбалер номиниран за „Златната топка“, надминувајќи го рекордот на Килијан Мбапе. Иако во Барселона го носи легендарниот број 10, за репрезентацијата настапува со бројот 19.
Поради повреда на задната ложа ќе ги пропушти дел од подготвителните натпревари, но селекторот Луис де ла Фуенте очекува да биде подготвен за првиот меч на Шпанија на Мундијалот.
Жоао Невеш (21) – Португалија
Играчот од средниот ред на Пари Сен Жермен влегува во Светското првенство по извонредна сезона во која со францускиот гигант освои титула во Лигата на шампионите и нов шампионски трофеј во Лига 1.
Невеш ќе дебитира на Светско првенство во сениорска конкуренција, а зад себе веќе има значајно искуство со португалската репрезентација, вклучувајќи го и настапот во Лигата на нации.
На турнирот ќе игра покрај Кристијано Роналдо, со надеж дека Португалија конечно ќе стигне до својата прва светска титула.
Дезире Дуе (21) – Франција
Уште еден бисер на Пари Сен Жермен е францускиот напаѓач Дезире Дуе. Иако има само 21 година, веќе ги освои наградите за најдобар млад играч во француското првенство и најдобар млад фудбалер во Лигата на шампионите.
Кариерата ја започна во Рен, а во 2024 година премина во ПСЖ. Дуе настапуваше за младинските селекции на Франција пред да дебитира за сениорскиот тим.
Беше дел и од олимписката репрезентација која освои сребрен медал на Олимписките игри во Париз.
Коби Маину (21) – Англија
Фудбалерот на Манчестер Јунајтед е еден од најголемите адути на новата англиска генерација. Маину се проби низ младинските категории на клубот и брзо стана важен дел од првиот тим.
На Европското првенство 2024 беше стартер во финалето против Шпанија и привлече внимание со неверојатна точност во додавањата од 96 проценти – најдобар резултат за еден играч од средниот ред на европските шампионати од 1980 година.
„Ова е остварување на сонот. Моите први спомени се од светските првенства во Јужна Африка, Бразил и Русија. Да бидам дел од едно вакво натпреварување е неверојатно чувство“, изјави Маину.
Ибрахим Мбаје (18) – Сенегал
Младиот напаѓач на Пари Сен Жермен ќе биде едно од најинтересните имиња во составот на Сенегал. Роден е во Франција, но во 2025 година доби дозвола од ФИФА да настапува за Сенегал.
Мбаје е производ на академијата на ПСЖ и веќе влезе во историјата како најмлад стрелец на Сенегал и најмлад фудбалер кој постигнал гол на Африканскиот куп на нации во 21 век.
На Светското првенство ќе биде еден од најмладите играчи во африканската селекција.
Ленарт Карл (18) – Германија
Осумнаесетгодишниот играч од средниот ред на Баерн Минхен е најмладиот член на германската репрезентација. Само една година по настапите во младинските категории на баварскиот клуб, тој се најде меѓу патниците за Мундијалот.
Во изминатата сезона постигна девет голови и забележа осум асистенции, освојувајќи ги првите трофеи во својата кариера.
Карл го смета Лионел Меси за свој идол, а германските медиуми потсетуваат дека на 17 години успеал да стане најмладиот играч кој постигнал гол на три последователни натпревари во Лигата на шампионите.
Алекс Фримен (21) – САД
Најмладиот член на американската репрезентација е Алекс Фримен, син на поранешниот НФЛ играч Антонио Фримен.
Кариерата ја започна во Орландо Сити, а по одличните настапи во МЛС беше прогласен за најдобар млад играч во лигата во 2025 година. Оваа сезона направи трансфер во шпанскиот Вилјареал.
Светското првенство ќе биде негов прв голем меѓународен турнир, а можно е дебито да го има пред домашната публика во Лос Анџелес.
Гилберто Мора (17) – Мексико
Најмладиот учесник на Светското првенство 2026 е мексиканскиот играч од средниот ред Гилберто Мора.
Настапува за Клуб Тихуана во Лига МХ и веќе се смета за едно од најголемите откритија на мексиканскиот фудбал. Во 2025 година стана најмладиот дебитант во историјата на мексиканската репрезентација на само 16 години.
На Светското првенство до 20 години постигна три гола и две асистенции, а беше дел и од составот кој го освои Голд купот во 2025 година.
Мексико ќе го отвори Мундијалот против Јужна Африка на 11 јуни во Мексико Сити, па токму пред домашната публика Мора ќе има можност да ја започне својата голема светска приказна.
Светското првенство 2026 ќе биде можност новата генерација таленти да се претстави пред светот. Додека имиња како Кристијано Роналдо, Килијан Мбапе и Хари Кејн ќе бидат во центарот на вниманието, токму овие млади фудбалери би можеле да станат најголемите херои на турнирот и новите лица на светскиот фудбал.







