Во Сараево своите очекувања пред дуелот со Босна и Херцеговина ги сподели и голманот Столе Димитриевски.
„До претходниот натпревар секое мое присуство на прес-конференција значеше „чиста мрежа“. Се надевам ќе се вратиме на тоа. Сега се подготвуваме за Босанците, да одиграме добар натпревар во два правци. Доста време лично јас сум во добра форма, се чувствувам добро. Мислам дека влегувам во најдобрите денови од кариерата.
Кај нас голманите тоа доаѓа подоцна од фудбалерите, а се надевам дека ќе продолжам во тој стил, ќе ѝ помогнам на Македонија и на замислите на селекторот.
Ќе видиме како ќе тргне натпреварот утре. Работевме на сите сегменти од играта. Подготвени сме, направивме добра анализа и се надеваме на поголем притисок во нивниот дел. Следните натпревари во Лигата на нации ни се најважни, па Босанците се селекција која е многу слична на она што ни следува. Има доста потенцијал во новајлиите. Треба да се вклучат во работата, добро се снајдоа со нас „постарите“. Треба да бидат во целината на тимот, да се борат и за да добијат шанси да заиграат за Македонија во следниот циклус“, изјави Димитриевски.
Натпреварот меѓу Македонија и Босна и Херцеговина се игра в петок од 20:30 часот на стадионот „Кошево“ во Сараево.






