Стојаноски: СДСМ и Венко Филипче не смеат да ги држат граѓаните и Собранието во заложништво

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, денеска на прес конференција упати критики до СДСМ и претседателот на партијата Венко Филипче, обвинувајќи ги за блокирање на работата на Комисијата за финансирање и буџет.

Според Стојаноски, граѓаните не смеат да бидат заложници на, како што рече, политичките калкулации на СДСМ, а блокирањето на комисијата има единствена цел – собирање ситни политички поени на штета на државните интереси и на граѓаните.

-Доколку навистина им е важен интересот на граѓаните и реализацијата на проектите што значат развој на државата, СДСМ треба без одлагање да ја закаже Комисијата за финансирање и буџет. Наместо блокади и политички акробации, потребна е одговорност и поддршка за процесите што обезбедуваат инвестиции, економски раст и подобар животен стандард, изјави Стојаноски.

Тој нагласи дека од функционирањето на Комисијата зависат средства за повисоки примања во образованието, здравството и јавниот сектор, како и за капитални инвестиции и сервисирање на обврските и задолжувањата.


Стојаноски потсети дека измените на собранискиот Деловник, кои биле усвоени со заеднички договор, не дозволуваат вакви блокади. Според правилата, доколку најмалку една третина од членовите побараат седница на комисијата, таа мора да биде свикана.

Како што информираше, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери испратиле две писма до претседателот на Собранието Африм Гаши и до претседателката на Комисијата, Сања Лукаревска, потпишани од 12 пратеници, што е значително повеќе од потребниот број.

-Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи СДСМ и Венко Филипче да го држат Собранието во заложништво и да ги доведуваат во прашање инвестициите и развојот. Доколку продолжат со неодговорното однесување, ќе ги искористиме сите деловнички механизми за деблокирање на работата на Комисијата, порача Стојаноски.