Разловци, 20 мај 2026 (МИА)
Валери СПАСЕВСКИ
Слободан ИВАНОВ
Разловечкото востание e кренато на 20 мај 1876 година (нов стил), и важи за едно од првите организирани вооружени востанија на македонскиот народ против отоманската власт во втората половина на XIX век. Избувнало во селото Разловци (денес во Општина Делчево, источна Македонија), во време на силните политичко-револуционерни превирања на Балканот, кога народите во Отоманска Турција сè поревносно барале поголема слобода и национални права. Под водство на Димитар Поп Георгиев-Беровски, востаниците се обиделе да покренат пошироко движење за ослободување, но поради слабата организација, недостигот на оружје и брзата реакција на отоманските власти, востанието за кратко време било задушено. Иако воено неуспешно, Разловечкото востание оставило силна трага во македонската национална историја и претставувало своевиден поттик за скорешните и подоцнежните револуционерни и националноослободителни движења во Македонија потоа.
Македонија деновиве одбележува 150 години од Разловечкото востание. По тој повод, по проект на Националниот конзерваторски центар – Скопје, поддржан од Министерството за култура и туризам, вчера, свечено беше отворен обновениот Спомен-дом на Разловечкото востание во селото Разловци.
Беа доделени и плакети, меѓу останатите и на македонската Влада, премиерот Христијан Мицкоски, Министерството за култура и туризам и други. Треба да се напомни и дека плакета му беше врачена и на семејството на авторот на Спомен-домот, Георги Константиновски, кој е творец на изворното архитектонско идејно решение.
– Одбележуваме 150 години од Разловечкото востание, јубилеј што нѐ обврзува со уште поголема посветеност да го зачуваме и достоинствено да го претставиме нашето културно-историско наследство. По тој повод го обновивме Спомен-домот посветен на Разловечкото востание а поставена е и нова музејска поставка. Објектот е изграден во 1981 година и е дело на архитектот Георги Константиновски, изјави во своето обраќање министерот за култура, Зоран Љутков.
Тој притоа соопшти дека сѐ тоа чини 21 милион и 600 илјади денари.
– Во рамки на поставката се распоредени 10 паноа коишто ја раскажуваат приказната за Разловечкото востание, тука е репликата на знамето на востанието, фотографии, витрини со реплики на предмети (позајмени од Музејот на Македонија), книги, фото-документирани материјали и др. Хероите како Димитар Поп Георгиев Беровски и поп Стојан не вложиле сѐ што имале – и имотот и животот, за ние денес да ги заборавиме. Затоа ова не беше обичен проект. Ова е враќање на долгот кон сите кои го положиле својот живот за Македонија, не барајќи слава – ами слобода. Нашата цел беше овој простор повторно да стане живо сведоштво за историјата и место што ќе ги инспирира идните генерации, подвлече Љутков.
Востанието, според историчарот Далибор Јовановски, претставува еден од првите посериозни организирани обиди за вооружен отпор против Султанатот, на територијата на Македонија во XIX век. Движењето не било изолиран настан, туку дел од пошироките геополитичко-револуционерни движења што го зафатиле Балканот при Источната криза. Во таа смисла, како поттик за Разловечкото востание се посочуваат бунтовите во Босна, како и Априлското востание во Бугарија од истата 1876 година, коишто влијаеле врз расположението на Македонците, но се чини, не се директно поврзани со Разловечкото востание. Проф. Јовановски во својот осврт за востанието појаснува и цитира:
– Кога се говори за Разловечкото востание интересно е да се разгледа и прашањето дали истото е поврзано со априлските настани во Бугарија. Не е во прашање чие е востанието, туку дали настаните во Разловци се поттикнати од надвор. Тука ќе искористам материјал што е објавен во соседна Бугарија на почетокот на XX век. Така, во записите на Костадин Поп Стојанов може да прочитаме дека „тука ништо не знаеја за револуционерните збиднувања коишто се подготвуваа преку таа знаменита година во Северна и Јужна Бугарија“. Историските записи Поп Стојанов ги објавил во 1903 година. Истата година во ќустендилското списание „Свјато дело“ се појавила статијата „Македонските востанија“. Во неа авторот говори за Разловечкото востание и нагласил: „Тоа востание нема никаква врска со Априлското од истата година и, иако е еднакво датирано, тоа е случајно. Многу непријатели на македонската независност говорат дека сите востанија и бунтови во долините на Вардар и Струма биле поттикнати од Бугарија и дека не постоеле причини за незадоволство во Турција. Кој подлабоко размислува во однос на настаните на Балканскиот Полуостров и посамостојно расудува и независно од своите тесни националистички погледи ќе дојде до друг заклучок и ќе ги оправда сите тие дејства на македонскиот народ против петвековната тиранија. Дека Бугарија не е причината за постојаното незадоволство кај христијанското население во Турција и дека причината е друга, внатрешна, ни покажува историјата на првото македонско востание… Значи причините за претходните и сегашните македонски востанија се кријат во лошите услови за живот оттаму, а не во некакво надворешно поттикнување“. Овие коментари се доволни за да се заклучи дали востанието во Разловци е самостојно или е поврзано и планирано заедно со други акции во регионот.
Во рамки на одбележувањето на 150-годишнината од Разловечкото востание, претходно и во СОУ „Методи Митевски-Брицо“ – Делчево беа реализирани низа настани, а по тој повод разговаравме со професорката по Историја, Билјана Петровска, која сподели важни детали за востанието и неговото значење за Делчевско и македонската историја.
– Голема чест и задоволство ми е што имам можност да кажам неколку зборови за еден од најзначајните настани во македонската историја и во нашиот град. Разловечкото востание е едно од првите македонски востанија кое го покажало патот на македонскиот народ кон слободата. Тоа ја испратило пораката дека слободата не е подарок, туку право за коешто треба да се избориме. Востанието било организирано од поп Стојан од Разловци и Димитар Поп Ѓеоргиев-Беровски, кој бил негов зет, оженет за неговата најмлада ќерка, изјави Петровска за МИА.
Претходниве денови во Делчево беше изложено и оружје од Разловечкото и Креснеското востание.
– Да спомнеме дека овде имаме и оружје со систем на кремен, капислари тн. едномерно оружје на црн барут како и револвери од 1870 година, а пиштоли на кремен – европски тип и балкански тип. На секој си има напишано кој од кога датира. Тие пушки се полнат преку цевка од горе со црн барут. Механизмот има кремен, а барутот се става во чељуста. Овде има закачена плочка. Кога удира кременот на оваа плочка таа се спушта и прави искра. Во цевката има барут. Го пали барутното полнење и излегува топче, изјави колекционерот Ванчо Габер, кој поседува неколку парчиња од изложеното старо оружје.
Збирката, инаку, во најголем дел е во сопственост на Благој Механџиски, додава Габер.
Димитар Беровски имал клучна улога во подготовката и организирањето на македонското население во малешевско-пијанечката област, набавката на оружје и создавањето мрежа од соработници. Тој се обидувал да воспостави врски и со други револуционерни кругови вон Македонија, со надеж дека овој организиран бунт ќе добие поширока поддршка. Во таа смисла, Беровски во Солун основал и револуционерен кружок, во којшто влегле и неговите браќа, како и Костадин Карчовски, Петар Солунски, Стојан Цоцов, Цоне Спасов – Ингилизот, Наум Евро, како и учителките Недела Петкова и ќерка ѝ Станислава – Славка Караиванова.
Во овие збиднувања, голема улога имаат Костадин Поп Стојанов и неговиот татко, поп Стојан Разловски, преку кого Беровски го продал својот имот, а кој и самиот продал дел од своината и добитокот, за да се соберат средства за востанието.
– Разловчани долго време го очекувале востанието, бидејќи положбата на населението во источниот дел на Македонија била многу тешка. Во втората половина на XIX век, особено во овој крај, сушите, неродните посеви и големите притисоци од османлиските власти го довеле народот во исклучително тешка состојба. Димитар Беровски и поп Стојан со ова востание покажале дека слободата може да стане реалност доколку народот навистина се бори за неа, подвлече проф. Петровска.
Од ова Прво македонско востание – како што го нарекува востаникот Поп Стојанов во своите „Спомени“, зачувано е и востаничкото знаме. На ова историски вредно платно, стои познатиот „Македонски лав“ од македонските земски грбови, со натпис „Македонија“ над лавот, како и втор натпис – „Станете да ве ослободам“ на црвената позадина вон жолтиот грб. Автентичноста на знамето го потврдува учителката Недела Петкова, која заедно со ќерка сѝ и неколку жени – солунчанки го шиеле тоа знаме.
Востанието е кренато во мај 1876 година во селото Разловци. На знамето, според историчарот Јовановски, стои натпис „На 8 мај 1876“. Следствено, според новиот календар, датумот на кревањето на востанието би бил 20 мај.
– Подготовките за востанието се одвивале и во Разловци и во Солун. Траеле неколку месеци. Со средства од Димитар Беровски, поп Стојан и нивните поддржувачи било набавено оружје, што потоа било складирано во Разловци. Во областа Калаџерџево биле одржани повеќе состаноци на кои биле донесени важни одлуки. Една од нив била изборот на Беровски за водач и војвода на востанието. Било планирано востанието да започне во Разловци, а потоа да се прошири кон Малешевијата, Кочанско, Радовишко и Струмичко, односно низ целиот источен дел на Македонија. Но, во ноќта меѓу 19. и 20 мај, кај заговорниците во Калаџерџево пристигнала група селани кои ги известиле дека во селото пристигнале Турци. Од страв дека подготовките се откриени, востаниците решиле следниот ден да почнат со акцијата, раскажува Петровска.
– Во Разловци, според планот на Беровски, била спроведена евакуација на населението. Четата на Цоне Спасов била задолжена да се задржи во тоа место со цел да го одбрани селото од можен османлиски напад. Потоа, оваа чета требало – секако, доколку дозволеле условите, да се припои кон главнината на востаничките сили, додава проф. Јовановски.
Востаниците успеале привремено да го ослободат селото. Тие се поделиле во неколку групи: Едната ја предводел Димитар Поп Ѓоргиев Беровски, а другата – Цоне Спасов. Востаниците успеале да го ослободат селото. Беровски со својата чета тргнал кон Малешевијата за да се поврзе со тамошните востаници, додека војводата Спасов останал да го брани Разловци. Тој успех предизвикал одек и во околните населби. Но, кај с. Митрашинци, поради недоволната организација и ограничените ресурси, битката е изгубена, неколкумина македонски востаници убиени, а самиот Беровски потоа бил ранет.
– На патот кон Малешевијата, кај селото Будинарци, Димитар Беровски бил ранет. Неговото ранување го прекинало натамошниот развој на востанието, бидејќи наместо да продолжи, бил принуден да се врати назад во Разловци. Подоцна биле направени обиди за поврзување со востаничките групи во Кочанско и Радовишко, но тоа одело многу тешко, вели Петровска.
Патем и беровци, според Јовановски, задоцниле неколку дена, па во меѓувреме, башибозукот влегол во Разловци. Спасов не можел да ги задржи суровите отомански „полупрофесионални“ војници, па по само една седмица, следела пљачка на селото, палежи, а најпосле и бегства и трајно иселување на востаници и селани.
На поп Стојан, токму тие денови, му се наложило да ги одврати жителите на Царево Село (денешно Делчево), да не потпаѓаат на убедувањата на двајца проотомански свештеници. Поп Стојан, имено, во јавниот говор пред мештаните, рекол:
– Навистина, тешко е кога гледаме како умираат нашите чеда и браќа, но без жртви нема слобода!
Следи привременото освојување на с. Лаки кај Кочани и Виница. Но, веќе до 27 мај, во околните градови – Радовиш, Струмица, Петрич, Мелник и Горна Џумаја, се собрале над 3.500 аскер-војници. Тука бил и Ќел Хасан – познат по својата суровост, кој лесно успеал да го преосвои Разловци.
Димитар Беровски – поради својата најмалку основна воена обука, ги избегнал турските потери. Но, поп Стојан – предаден од бугарски монах од Рилскиот манастир, а веќе 75-годишен, бил фатен и погубен. Нивните семејства се повлекле кон Ќустендил.
– Востанието, иако задушено и неуспешно, има огромно значење. Тоа е едно од најзначајните востанија организирани исклучиво од македонскиот народ – без надворешно влијание. Токму тука се гледа неговата големина. Во пресрет на одбележувањето на 150 години од Разловечкото востание, нашето училиште, целиот град, основните училишта и Општината Делчево активно се вклучени во чествувањето и оддавањето почит на сите заговорници и востаници кои верувале дека борбата за слобода е вистинскиот пат, заклучи проф. Петровска.
Иако неуспешно од воен аспект, и проф. Јовановски се согласува дека Разловечкото востание има големо историско значење. Тоа покажало дека и во Македонија постои подготвеност за организиран отпор против отоманската власт. Востанието е важен чекор во развојот на македонската национал-револуционерна мисла и подоцнежните ослободителни движења. Во својот заклучок, историчарот нагласува дека Разловечкото востание треба да се гледа како дел од процесот на националното и државно-политичко будење на македонскиот народ во XIX век. Иако траело кратко и брзо било задушено, неговото симболично значење останало огромно, а споменот за востанието подоцна бил поврзуван со развојот на македонското национално-револуционерно движење. (МИА)








