Естонија: Одлуката за соборување на украинскиот дрон беше оправдана и без колатерална штета

Естонскиот министер за одбрана Хано Певкур ја бранеше одлуката за соборување на беспилотното летало што навлезе во воздушниот простор на оваа земја-членка на НАТО, оценувајќи го ваквиот чекор како соодветен и целосно оправдан.

– Извагавме различни фактори, како што правиме секогаш: Колку е голема опасноста за населените области? Врз основа на оваа сеопфатна проценка, беше донесена одлуката за негово соборување, изјави Певкур во интервју за естонската телевизија доцна синоќа, пренесува ДПА.

Тој појасни дека клучниот фактор зад првото соборување на влезен дрон во историјата на оваа балтичка земја била проценката дека колатералната штета би била минимална или дека воопшто нема да ја има.

– За среќа, овој пат практично немаше никаква штета – само мал дел од шумата беше малку засегнат, рече Певкур во интервјуто, додавајќи дека дронот се урнал на неколку стотини метри од станбена зграда.


Борбени авиони на НАТО вчера соборија летало за кое се верува дека е украински дрон, откако навлезе во воздушниот простор на Естонија. Се претпоставува дека беспилотното летало било насочено кон цели во Русија.

Естонските власти сè уште истражуваат дали леталото носело експлозив, рече Певкур. Сепак, тој напомена дека секој дрон носи гориво и затоа претставува ризик на земјата, без оглед на тоа дали е опремен со боева глава.

Украина повеќе од четири години се брани од руската инвазија. Во текот на меѓусебната војна со беспилотни летала меѓу двете земји, дроновите скршнати од патот или оневозможени со електронски контрамерки, претставуваат опасност и за соседните држави.

Во изминатите месеци, беспилотните летала лансирани од Украина против цели во воената и нафтената индустрија во северозападна Русија, постојано навлегуваа во воздушниот простор на балтичките земји, при што некои од нив и се урнаа таму.