Балканот е заглавен во ценовен парадокс – плаќаме европски цени со примања далеку под просекот
Додека глобалните кризи на Блискиот Исток го диктираат темпото на светската економија, граѓаните во Македонија и регионот се соочуваат со специфичен ценовен парадокс. Исти производи од исти брендови често се поскапи во Скопје или Белград отколку во Берлин или Рим. Дали е тоа само резултат на увозната зависност или последица на пазарна алчност и нелојална конкуренција?
Во првиот дел од интервјуто за МИА на овие прашања одговара професор Нику Спринчан, еден од најперспективните европски економски експерти. Тој предупредува дека балканските компании имаат остар рефлекс за поскапување кога растат трошоците, но многу бавно ги корегираат цените надолу кога пазарот се смирува. Спринчан е дециден: Балканот има потенцијал за економски раст од над 4 % годишно, но само ако престанеме да цртаме цели на хартија и почнеме со реални, болни реформи.
Професор Нику Спринчан доаѓа од Факултетот за економија и деловна администрација при Универзитетот „Александру Јоан Куза“ во Јаши, Романија. Неговата биографија вклучува специјализации на некои од најпрестижните европски центри, како Универзитетот во Цирих и Универзитетот во Гронинген.
Како автор на многубројни трудови во елитни научни списанија, неговиот фокус е ставен на финансиската стабилност и на макроекономските шокови. Она што го прави неговиот збор особено тежок за македонската публика е неговото длабоко познавање на пазарите во развој – од движењето на банкарските маржи до влијанието на геополитиката врз семејниот буџет.
Зошто одредени производи за широка потрошувачка, како храна или средства за хигиена, и тоа исти марки, се значително поскапи во Скопје, Белград, Загреб отколку во Берлин, Рим, Варшава и покрај тоа што ние на Балканот имаме многу пониска куповна моќ?
– Овој добро документиран парадокс произлегува од неколку структурни фактори. Прво, балканските пазари имаат ограничена малопродажна мрежа и помала конкуренција, што го ограничува притисокот за намалување на цените. Дополнително, неформалниот сектор учествува со над 30 % од БДП во сите економии на Западен Балкан, освен во Србија, во споредба со просекот во ЕУ од 23 %. Во Северна Македонија, дури 32 % од бизнисите ги идентификуваат практиките на неформалните конкуренти како главно или сериозно ограничување (ОЕЦД, 2025). Неформалноста создава пазар на две нивоа: формалните бизниси мора да го носат целиот товар на даноците, ДДВ-то и регулативите, а неформалните конкуренти ги избегнуваат овие трошоци. Како последица на тоа формалните трговци на мало на крајот може да го компензираат ова преку наплата на повисоки цени.
Второ, животниот стандард во Западен Балкан е далеку под оној во ОЕЦД и ЕУ, но сепак цените за трговските стоки (на пр., електроника и брендирана стока) се приближуваат кон нивоата на ЕУ бидејќи се набавуваат од истите синџири на снабдување (ЕУ е водечки трговски партнер за сите шест земји од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија). Сепак, платите не се приближуваат со истото темпо (според Светската банка, во 2025 година нивото на приход во регионот изнесувало само 41 % од просекот на ЕУ во 2024 година, мерено според паритетот на куповната моќ), што значи дека потрошувачите плаќаат цени блиски до оние во ЕУ со приходи што се далеку под европскиот просек.
Дали, сепак, не се работи за картелско здружување на маркетите бидејќи во нашата земја веќе беше утврдено вакво постапување. Што може да направи Владата или дали потрошувачките бојкоти може реално да изнудат корекција на цените?
Навистина, картелите го прекршуваат правото за заштита на конкуренцијата и имаат штетни ефекти врз потрошувачите и економската ефикасност. Верувам дека владите мора да инвестираат во своите тела за заштита на конкуренцијата доделувајќи им вистинска независност од политички притисоци, капацитет за истрага и веродостојни овластувања за санкционирање. Понатаму, ОЕЦД (2023) препорача земјите да имплементираат програми за предавници (leniency programmes), да користат алатки за скрининг на картели, да воспостават анонимни системи за пријавување свиркачи, да спроведуваат ефективни санкции и парични казни и да промовираат силна домашна и меѓународна меѓуинституционална соработка.
Што се однесува до потрошувачките бојкоти, тие може да бидат ефективни кога се долготрајни и добро организирани, насочени кон специфичен производ или трговец. Сепак, на олигополски пазар на мало, како оној во Северна Македонија, каде што супермаркетите може да ги координираат цените, потрошувачите можеби немаат друг избор, освен да ја прифатат ситуацијата. Одењето во други супермаркети не би направило никаква разлика бидејќи цените се идентични. Иако бојкотите може да доведат до краткорочни отстапки, тие не може да го заменат структурното спроведување на законите.
Цените не може да се вратат на нивото од 2021 година
Цените растат во услови на криза, но впечатокот како граѓани ни е дека се работи и за алчност на трговците, кои ја користат ситуацијата. Колку од денешната инфлација е поттикната реално од зголемените трошоци за производство, а колку е greedflation (вештачко зголемување на цените поради алчност)?
– Ова е многу интересно прашање, кое привлече големо внимание и дебата. Инфлацијата може да биде и причина и последица на зголемените профити. На пример, работен документ на ММФ од Хансен и сор. (2023) покажува дека домашните профити учествувале со 45 % во инфлацијата во еврозоната (БДП-дефлатор) помеѓу првиот квартал од 2022 и првиот квартал од 2023 година дејствувајќи како главен двигател, проследени со увозните цени (40 %). Наспроти тоа, повисоките трошоци за труд беа главниот двигател во САД и Канада.
Од друга страна, кога номиналните цени растат, сметководствената добивка на компанијата изгледа повисока иако нејзината реална куповна моќ останува непроменета. Понатаму, рецензиран труд на Личета и Матоци (2026) не најде докази за greedflation (инфлација од алчност) во еврозоната помеѓу 2019 и 2023 година, со исклучок на зголемените маржи во финансискиот сектор, кои веројатно се должат на разликите во брзината и степенот на пренесување на референтните каматни стапки врз каматите за депозити и кредити. Исто така, нема докази за поврзаност помеѓу поголемите маржи кај фирмите и индустриите што доживеаја поголеми поскапувања бидејќи цените се зголемуваа пропорционално со порастот на маргиналните трошоци, а трошоците за плати останаа релативно стабилни. Истото важи и за индустријата за храна и пијалаци во ЕУ помеѓу 2013 – 2022 година (Копенберг и сор., 2025).
Балканскиот регион е особено ранлив на перзистентно извлекување маржи поради слабата конкуренција и ограничените алтернативи во малопродажбата. Не постои конкурентска дисциплина што би ги принудила маржите да се намалат навремено бидејќи компаниите ги пренесуваат зголемувањата на влезните трошоци побргу отколку нивните падови.
Дали предвидувате дека цените на храната и енергијата ќе се вратат на нивото од 2021 година или сегашното ценовно дно е новата нормала?
– Враќањето на цените на нивото од 2021 година речиси сигурно не е во план за оваа година, како што јасно покажува априлскиот извештај на ММФ за Светските економски изгледи (World Economic Outlook) за 2026 година. Војната на Блискиот Исток предизвика прекини во производството и транспортот на нафта, што резултира со зголемување на прогнозата за просечната цена на нафтата на 82 долари за барел во 2026 година во споредба со приближно 66 долари во изданието од октомври 2025 година. Во моментот референтните вредности и за Brent и за WTI се тргуваат над 100 долари за барел. За споредба, спот-цените за Brent во 2021 година изнесуваа во просек речиси 70 долари, според податоците на LSEG. Исто така, се очекува раст на цените на природниот гас и на храната, при што второто се должи на повисоките цени на енергијата и вештачките ѓубрива, прекинатите рути за испорака и зголемените трошоци за транспорт. Се очекува вкупната глобална инфлација малку да се зголеми до 4,4 % оваа година во споредба со 4,1 % во 2025 година пред да почне да опаѓа во 2027 година.
Што се однесува конкретно за Северна Македонија, мисијата на ММФ во рамките на членот IV за 2026 година забележа дека инфлацијата на цените на храната и пијалаците остана висока на ниво од 3,8 % во февруари 2026 година и покрај падот на вкупната инфлација на 2,9 %. Структурните фактор,и како што се зависноста од увоз на енергија, фрагилноста во синџирот на снабдување со земјоделски производи и транзицијата кон пазари на труд со повисоки плати, значат дека ценовното дно е значително повисоко отколку во 2021 година. Затоа, наместо да се стремиме кон враќање на цените од 2021 година, фокусот на политиките треба да биде ставен на тоа како домаќинствата и владите може да се приспособат на структурно повисокото ниво на цени.
Има потенцијал за раст од 4 отсто
Дали Балканскиот Регион има структурен капацитет за стапка на раст над 4 % или сме заглавени во долготрајна стагнација?
Во својот редовен економски извештај за Западен Балкан од пролетта 2026 година, Светската банка ја намали прогнозата за раст на регионот на 2,8 % за 2026 година. Ова се припишува на тековниот конфликт на Блискиот Исток, перзистентната инфлација и зголемената неизвесност. Стапката на раст на Северна Македонија изнесуваше 3,5 % во 2025 година надминувајќи го својот потенцијал. Сепак, овој раст во голема мера беше поттикнат од инвестициите во градежништвото и потрошувачката потхранета од платите, а не од зголемување на продуктивноста.
Сепак, животниот стандард во шесте земји од Западен Балкан (WB6) останува значително понизок отколку во ЕУ, при што целосната конвергенција (приближување) потенцијално би можела да трае 70 години или повеќе (ЕБОР, 2024). Структурните бариери за постигнување одржлив раст од 4 % или повеќе се јасно идентификувани: брзото стареење на населението, емиграцијата на квалификувани работници, ниската продуктивност и слабостите во владеењето. Капацитетот за раст од над 4 % постои, но потребна е имплементација на вистински реформи, а не само зацртани цели. Долгорочната перспектива за пристапување во ЕУ, силната макроекономска стабилност, стратешката географска положба, поволните даночни режими и ниските единечни трошоци за труд, во комбинација со релативно добро образованото население, би можеле да привлечат инвеститори и да придонесат за развојот на регионот.
Кој е единствениот најголем ризик за економски колапс во следните 12 месеци?
На краток рок, верувам дека геополитичкиот ризик претставува најголема закана за глобалната економија. Конфликтот на Блискиот Исток и затворањето на Ормуската Теснина го предизвикаа најголемиот прекин во глобалното снабдување со нафта во историјата, при што Индексот на геополитички ризик на Калдара и Јаковиело (2022) достигна 326,99 во март – што е повисоко отколку за време на првите месеци од војната меѓу Русија и Украина.
Иако е во сила прекин на огнот од 8 април, ситуацијата останува неизвесна, при што сообраќајот на бродови низ Ормуската Теснина останува далеку под нивоата пред војната, дури и по прекинот на непријателствата. Загриженоста за енергетската и прехранбената безбедност, која произлегува од недостигот на вештачки ѓубрива, сè уште трае. Ризикот од економски колапс во следните 12 месеци веќе не е само екстремен ризик (tail risk), кој треба да се моделира; тоа е активна криза, која еволуира, со економски последици што се одвиваат во реално време.
Бидејќи мировните преговори се суштински нестабилни и непредвидливи, инфлациските очекувања може да останат високи за подолг период. Ова би можело да ја попречи способноста на централните банки да ги намалат каматните стапки и да го закочи економскиот раст. Крајниот страв е стагфлација.
(во вториот дел од интервјуто, кое МИА ќе го објави утре, професорот Спринчан дава попрактични совети за граѓаните: Во што е подобро да се инвестира – злато или биткоини? Што ќе се случува со каматните стапки на станбените кредити и како вештачката интелигенција (АИ) ќе ги трансформира финансиските пазари и работните процеси)
фото: приватна архива на Спринчин
МИА








