„Хјуман рајтс воч“: Светското првенство 2026 може да биде „потенцијална катастрофа за човековите права“

Организацијата „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) оцени дека Светското фудбалско првенство во САД, Мексико и Канада, што ќе се одржи во јуни и јули, претставува „потенцијална катастрофа за човековите права“.

Директорката на организацијата, Минки Ворден, за порталот „ntv.de“ изјави дека турнирот треба да биде воден според рамка за заштита на човековите права.

– Но, со сигурност можам да кажам дека, иако Светското првенство можеби и понатаму ќе биде најголемото, нема да биде и најдоброто во поглед на човековите права – изјави таа.

Според Ворден, Светското првенство е обвиено со голема неизвесност поради контроверзната американска Служба за имиграција и царина (ICE), која би можела да биде задолжена за спроведување на безбедносните мерки за време на настанот.

– ICE, како еден вид паравоена полициска сила, спроведува брутални и нехумани политики, дури и против луѓе кои имаат право на престој во САД – рече таа.


Сепак, останува нејасно каква улога точно ќе има оваа служба. Неодамна, првиот човек на организацискиот одбор во Мајами, Родни Барето, нагласи дека добил уверување од американскиот државен секретар Марко Рубио дека за време на натпреварите на стадионите нема да има агенти на ICE.

Според Ворден, сепак, „културната војна“ на американскиот претседател Доналд Трамп и натаму се одразува врз Светското првенство.

– Да го земеме, на пример, недостигот од мерки за човекови права во градовите домаќини. Тие треба да обезбедат заштита на малцинствата и на ранливите групи, вклучително и на ЛГБТ-заедницата. Но, од четирите акциски планови објавени во САД, само оној на Атланта ги споменува правата на ЛГБТ-лицата – рече таа.

Ворден додаде дека доделувањето на наградата за мир на ФИФА на Трамп претставува „форма на корупција“.

– Тоа е конструкција создадена за ласкање на човек кој не се залага за мир, туку за насилно угнетување на американските граѓани, за бомбардирања надвор од границите на земјата и за војни во странство –  изјави Ворден. (МИА)