Првиот човек на ГРК Охрид се сретна со претседателот на Веспрем и го покани на турнир!

Кирил Пецаков, градоначалникот на Охрид и првиот човек на ракометниот клуб, за време на својата посета на Унгарија остварил средба со Чаба Барта, претседателот на унгарскиот ракометен гигант Веспрем.

Во фокусот на разговорите бил развојот и успесите на ГРК во европските натпреварувања, како и настапите во домашното првенство и купот, за што охридскиот клуб добил признание и честитки од унгарскиот ракометен гигант.

Пецаков истакна дека претставува голема чест кога клуб од светски ранг како Веспрем ги препознава напорите и напредокот на ГРК Охрид.


На средбата се разговарало и за идните стратегии за развој на клубовите, како и за перспективите на европскиот ракомет.

Градоначалникот упатил и официјална покана до Веспрем да учествува на традиционалниот ракометен турнир во Охрид, со надеж дека од следната година турнирот ќе биде збогатен со уште едно големо европско ракометно име.