Калас од Кишињев: Приднестровјето нема да биде пречка за европскиот пат на Молдавија

Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, денеска изјави дека Европската унија сака да го забрза пристапувањето на Молдавија кон Унијата и додаде дека Приднестровјето нема да биде пречка за европската иднина на земјата.

„ЕУ сака да го продолжи процесот за Молдавија да стане дел од Унијата. Но, секако, пристапувањето не е само технички процес. Тоа е и политичка обврска. Додека работиме на тоа, сакам да ве уверам дека Приднестртовје нема да стане пречка за европската иднина на Молдавија“, рече Калас.

Според официјалното соопштение на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), на заедничката прес-конференција со претседателката на Молдавија, Маја Санду, во Кишињев, Калас оцени дека Молдавија постигнала „извонреден напредок“ во спроведувањето на реформите и нагласи дека ЕУ ја признава брзината и решителноста на владата.

Таа рече дека Молдавија сè уште се соочува, како што изјави, со руските хибридни закани, но дека ЕУ продолжува да ѝ дава поддршка на земјата во областите на енергетиката, безбедноста и заштитата на инфраструктурата.


Според неа, во Молдавија пристигна нов радарски систем финансиран од ЕУ, што треба да овозможи подобро откривање на руски беспилотни летала што го нарушуваат молдавскиот воздушен простор.

Калас, исто така, изјави дека Европската Унија преку Европскиот инструмент за мир досега ѝ обезбедила помош на Молдавија во износ од 200 милиони евра, како и дека ќе им предложи на земјите-членки годишното финансирање да се зголеми на 120 милиони евра.

„Нашата порака останува едноставна и јасна – Молдавија не е сама. Молдавија е дел од Европа“, заклучи Калас.