Со претставување на проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“ (Will my eyes be closed or open?) на уметникот Велимир Жерновски, во кураторска поставка на Тихомир Топузовски и Аманда Бецкес, утре (8.5.2026 г.) во 18:30 часот свечено ќе биде отворен македонскиот павилјон на најпрестижната меѓународна изложба на современата уметност во рамките на 61. Биенале на уметноста, што ќе се одржува од мај до ноември 2026 година во Венеција.
На отворањето, присутните ќе ги поздрави државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија С. Ѓоргова.
Македонскиот павилјон е сместен во изложбениот простор „Ex Capella Buon Pastore“ – историски сакрален простор во Венеција, со препознатлива архитектура и автентичен амбиент, кој сведочи за неговата поранешна духовна функција. Денес, овој простор е адаптиран за културни настани и изложби и нуди специфична атмосфера што овозможува силен дијалог меѓу современата уметност и историскиот контекст.
Учеството на нашата држава на Венециското биенале, кое е целосно поддржано од Министерството за култура и туризам, претставува дел од долгорочната стратегија за интернационална промоција на македонската култура и уметност. Во изминатите години државата континуирано се претставува со проекти кои третираат актуелни и релевантни теми, со што се зацврстува нејзината позиција во глобалниот културен простор.
Куратор на годинашното, 61. издание е Којо Куо, а темата е „In Minor Keys“ („Во молски тоналитет“) – концепт кој ги истражува суптилните, интимните и често маргинализирани наративи во современото општество. Темата ја поставува уметноста како простор за емпатија, рефлексија и тивок отпор, отворајќи прашања за ранливоста, меморијата и човечкото искуство во услови на глобални предизвици.
На годинашното Биенале учествуваат над сто уметници и се претставени над 80 национални павилјони од целиот свет, кои преку разновидни медиуми и пристапи ги адресираат клучните теми на денешницата – од миграции и климатски промени до политички конфликти и идентитетски прашања.








