Извештај: Мексико останува најопасната земја за новинарите во Латинска Америка

Осум новинари исчезнале или биле убиени во Мексико во текот на 2025 година, соопшти во свој извештај британската организација за заштита на новинарите „Член 19“ (Article 19).

Во извештајот Мексико е посочено како земја во Латинска Америка со највисоко ниво на цензура и судски притисоци врз медиумите.

„Во 2025 година Мексико регистрира едно исчезнување и седум убиства на новинари, со што повторно е на врвот на регионалната листа“, се наведува во извештајот. За споредба, во 2024 година во земјата биле убиени четворица новинари.

Извештајот истакнува и дека во Мексико се регистрирани 53 физички напади врз репортери, што е значително повеќе во споредба со десетте случаи во Хондурас и деветте во Гватемала. Убиствата на новинари најчесто се извршени во сојузните држави со високо ниво на насилство и силно присуство на криминални организации, вклучувајќи ги Дуранго, државата Мексико, Гуанахуато, Гереро и пограничната држава со САД, Сонора.


Во извештајот се наведува и дека Мексико бележи рекордно ниво на судски притисоци врз медиумите во изминатата година.

„Злоупотребата на јавната власт се етаблира како втор главен механизам за притисок врз медиумите во Мексико и како најбрзо растечки тренд“, стои во извештајот, во кој се споменуваат 153 случаи на притисоци врз медиумите во текот на минатата година. Во случаите каде што жртвите или нивните семејства поднеле пријави, се покажало дека речиси една третина од напаѓачите биле државни службеници.

2025 година е првата целосна година од мандатот на претседателката Клаудија Шејнбаум, која ја презеде функцијата во октомври 2024 година.

Во февруари, њујоршката организација Комитет за заштита на новинарите (CPJ) го прогласи Мексико за најсмртоносна земја за новинарите во 2025 година надвор од активните воени зони како Јемен, Судан или палестинската територија Газа.