ОТЕЦ ТОДОРОВ: Неможно е воздигнувањето на духот ако срцето е тесно, тврдо и ситно, а умот плиток, површен и глупав!

Отец Ивица ТОДОРОВ

И така, не можеш да напредуваш во височина ако немаш широчина, а и длабочина!

Духовната височина е показател на нашето Богопознание, но и на нашето себепознание.

Но, нашето Богопознание и нашето себепознание зависат од нашето спознание и на светот и на нештата во овој свет, а особено зависат од нашите животни резултати кои се плод од спознанието на светот и на нештата во овој свет.


А нашите животни резултати се всушност нашите додадени вредности во животот на овој свет!

Подвигот да дариме и додадеме вредности во овој свет го шират нашиот дух, нашиот ум, нашата свесност, нашето разбирање и нашата љубов. Едноставно, штом во себе развиваме поголема широчина овозможуваме и поцврст темел за нашата духовна височина!

И што е најинтересно, остварувајќи ја духовната височина ние ја формираме и нашата духовна длабочина, односно, нашата можност да продираме во длабочините и тајните и на овој свет и век, но и во длабочините и тајните на идниот свет и вечност!

И така, неможно е воздигнувањето, ширењето и култивирањето на духот ако срцето е тесно, тврдо и ситно, а умот плиток, површен и глупав!