Премиерот Христијан Мицкоски во одговор на пратеничко прашање од Скендер Реџепи истакна дека сите граѓани, додека е оваа Влада, ќе плаќаат данок и оти ред мора да се воспостави.
Неговото прашање до премиерот беше плаќањето данок на резидентни и нерезедентни граѓани, односно 183 дена треба да бидат во државата да плаќаат данок, и го праша Мицкоски по кои критериуми ги поделиле граѓаните на резидентни и нерезидентни.
– Се повикувате точно на одлуката на Уставниот суд, ама не сте ја прочитале, прочитајте да видите што вели Уставниот суд,л па после тоа можеме да судиме. Точно, Уставниот суд вели дека не треба да има поделба на резидентно и нерезидентно население, туку во попис на статистиката е само оној што ќе се попише лице в лице. Прочитајте убаво или еве од Собранието побарајте толкување од Уставниот суд да ви даде мислење. Второ – средствата за распределба, теоретски нерезидентите во кои општини живеат? Еве јас ќе ви кажам – не живеат во општините во Македонија, а и да живеат во општините во Македонија, вие не знаете во кои општини живеат. Не е така – рече Мицкоски.
Во врска со данокот на имот, Мицкоски посочи дека и недржавјани ќе плаќаат данок на имот ако имаат имот во Македонија бидејќи, како што рече, така е секаде во светот.
– Не знам што сакате да кажете – ако дошол некој 14 дена во Македонија, а има куќа, дека не треба да плаќа имот во Македонија? Еве и нека не е македонски државјанин, нека е шведски државјанин. Треба да плаќа и ќе плаќа. Затоа што сите граѓани во државата плаќаат. Додека е оваа Влада, ќе плаќаат, кога ќе бидете вие влада, нека не плаќаат – рече Мицкоски.
Во врска со граѓаните што оствариле приход надвор, Мицкоски потсети дека тоа е закон од 2020, сега изминуваат пет години од неговото усвојување.
– Управата за јавни приходи ќе биде кривично одговорна ако не им достави известување дека треба да го пријават приходот, а оние што оствариле приход надвор, само треба да покажат документ дека им е оданочен и нема да платат данок. Никој не бара двојно да се оданочат луѓето. А да плаќам јас, да плаќате вие, и сите ние и сите граѓани, а некој да не плаќа, тоа нема – рече премиерот.
Мицкоски повторно истакна дека ред ќе има додека тој ја предводи Владата. Вие кога ќе дојдете, како што рече, јас ќе бидам опозиција или на друго место, правете што сакате, граѓаните ќе судат.
– Но, додека е оваа Влада, ред ќе има. Не им ги бараме парите ако се тие таму оданочени, само треба документ да достават, ако немаат документ, нека ги пријават, ние по службена должност ќе ги побараме. Тоа што е на граѓаните, наше, ваше, сечие, ќе мора да се наплати. Држава сме што има нешто под 40 проценти сива економија. Мора работите да се стават во ред ако сакаме да имаме држава – му одговори премиерот Мицкоски на пратеникот Реџепи на седницата за пратенички прашања.
Фото: Принтскрин








