Пренџов: Усвоените амандмани ја зајакнуваат транспарентноста, отчетноста и улогата на Советот

Во Собранието се одвиваше амандманската расправа за измените на Законот за Советот на јавни обвинители, при што беше постигнат висок степен на политичка согласност меѓу пратениците, истакна пратеникот Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.

Тој нагласи дека за прашања поврзани со правото и правдата, политичките разлики треба да бидат ставени во втор план, а интересите на граѓаните да бидат приоритет. Според него, токму ваквиот пристап овозможил голем дел од амандманите да бидат усвоени едногласно.

„Јавните расправи уште еднаш се потврдија како суштински механизам за унапредување на законските решенија, со значаен придонес од стручната и академската јавност“, изјави Пренџов.

Со усвоените амандмани се предвидува зголемена улога на Советот на јавни обвинители во процесот на надзор, вклучително и можност за самостојно иницирање постапки. Дополнително, се регулираат надлежностите меѓу државниот јавен обвинител и Советот, со цел да се избегнат преклопувања и нејаснотии.


Измените опфаќаат и проширување на кругот на предлагачи за членови на Советот, што треба да придонесе за поголема транспарентност и доверба во процесот. Воведени се и индивидуализирани одлуки при избор на обвинители, како и обврска за користење статистички податоци за родова, етничка и регионална застапеност.

Меѓу позначајните новини е и утврдувањето рокови за постапување во случаи на разрешување на јавни обвинители, како и обврска за усно образложение на донесените одлуки.

Пренџов оцени дека ваквиот инклузивен пристап ќе продолжи и во иднина, со цел зајакнување на институциите и зголемување на довербата на граѓаните во законодавниот процес.